Факултетот за ликовни уметности – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во соработка со Катедрата по графика и трансмедиумски практики и Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, по 38-ми пат ја организира традиционалната Изложба на студентска графика – Драгутин Аврамовски – Гуте.
Изложбата ќе биде отворена на 15 мај 2025 година (четврток) во 20:00 часот, во Галеријата „Драгутин Аврамовски – Гуте“, лоцирана во објектот Сули ан (Стара скопска чаршија).
Оваа изложба претставува значаен настан во академскиот и уметничкиот календар, кој континуирано, веќе речиси четири децении, го негува студентскиот креативен израз во областа на графиката. На изложбата учествуваат студенти од сите студиски години на прв и втор циклус студии на Катедрата по графика и трансмедиумски практики.
На отворањето ќе биде доделена наградата за најуспешно графичко дело реализирано во академската 2024/2025 година, која традиционално ја доделува Фондацијата „Драгутин Аврамовски – Гуте“. Наградата вклучува диплома, еднократна парична награда и можност за самостојна изложба во една од галериите на ФЛУ во текот на следната академска година. Покрај главната награда, се доделуваат и втора и трета награда.
Изложбата, во чест на професорот и основач на Катедрата, Драгутин Аврамовски – Гуте, се одржува од 1988 година. Таа го задржува вниманието на младите уметници, академската заедница и љубителите на ликовната уметност. Во изминатите години беше претставена и во просториите на Националната галерија – Чифте амам, галеријата на НЛБ Тутунска Банка, како и на меѓународни настани во универзитетските галерии во Солун (2015)и Сплит (2019).


