Системот за управување со батеријата базиран на вештачка интелигенција ќе ги следи корисничките навики и ќе ја оптимизира потрошувачката на енергија, како обид за решавање на еден од најголемите проблеми на iPhone уредите – краткиот век на траење на батеријата.
Системот за управување со батеријата во iOS 19 ќе биде интегриран во платформата Apple Intelligence и ќе ги обработува собраните податоци за батеријата со цел да ги идентификува трендовите во користењето и да утврди кога да ги намали енергетските барања за одредени апликации и функции. Марк Гурман пишува дека надградбата исто така ќе прикажува индикатор на заклучениот екран со проценето време до целосно полнење.
Паметни батерии за потенки уреди
Според пишувањата на Bloomberg, оптимизацијата на батеријата е особено важна за претстојниот iPhone 17, кој ќе има потенок дизајн со намален капацитет на батеријата. Иако AI системот настојува да ги компензира овие физички ограничувања, функцијата ќе биде достапна на сите уреди кои се компатибилни со iOS 19.
Имплементацијата на Apple Intelligence платформата се соочила со потешкотии, при што неколку ветени функции се одложени. Значајното подобрување на Siri асистентот е одложено без утврден временски рок, што укажува на предизвиците со кои се соочува Apple во обидите да ги стигне конкурентите како OpenAI и Alphabet Inc. во развојот на вештачка интелигенција.
Сè во знакот на вештачката интелигенција
И покрај проблемите, Apple и понатаму ја поставува вештачката интелигенција во центарот на својата стратегија: многу функции во iOS 19 ќе бидат означени како “поддржани од Apple Intelligence”. Овој маркетиншки пристап ќе се прошири и на Apple Watch, иако паметните часовници немаат доволно капацитет за извршување на барањата на Apple-овите AI модели.
Развојна верзија на WDC25
Претстојните ажурирања на iOS 19, iPadOS 19 и macOS 16 ќе донесат значајни измени во интерфејсот под интерното име Solarium, промени кои имаат за цел да го усогласат корисничкото искуство меѓу iPad и Mac системите.
Ажурирањата исто така ќе им овозможат на уредите да споделуваат информации за веб автентикација преку безжични мрежи, што е честа потреба во комерцијални и јавни простори. Дополнително, Apple развива здравствена апликација базирана на вештачка интелигенција, позната интерно како Mulberry, чие лансирање е планирано за следната година.
Компанијата планира да ја финализира бета верзијата до крајот на мај, со развојна верзија закажана за 9 јуни на Светската конференција за развивачи. Јавното издание обично се совпаѓа со лансирањето на новите модели на iPhone и Apple Watch во септември.



