Google го претстави новиот изглед на својот оперативен систем Android, откако минатата недела „случајно“ беше објавен блог пост кој всушност го откри дизајнот на платформата. Сепак, сега сè е официјално, а компанијата го покажа новиот дизајнерски јазик наречен Material Three Expressive.
Новиот дизајн, кој се базира на шарениот и прилагодлив Material You претставен со Андроид 12, се движи во уште по младешки правец — полн со пролетни анимации, задебелени фонтови и живописни бои. Надградбата ќе биде достапна за бета верзијата на Android 16 нешто подоцна овој месец.
Поддршката за функцијата Live Updates, која Google ја претстави во претходната бета верзија на Android 16, е вклучена меѓу новите дизајнерски детали. Ова е верзијата на Андроид за функцијата Live Activities на Apple, која прикажува ажурирања што се чувствителни на време во трајната лента со известувања. За разлика од Apple, Андроид ја ограничува употребата на оваа функција на апликации за достава на храна, навигација и споделен превоз.
Со претставувањето на новиот дизајн, Google даде добар увид во тоа како ќе изгледаат овие известувања на заклучениот екран, always-on екранот, статусната лента на врвот од екранот и во лентата со нотификации. Сè изгледа доста практично. Брзите поставки исто така ќе добијат надградба, што ќе им овозможи на корисниците да ја менуваат големината и позицијата на плочките (tiles), што потсетува на iOS.
Новата блескава дизајнерска естетика е во фокусот на надградбата. Апликациските дизајнери ќе имаат на располагање нови форми на икони, стилови на текст и палети на бои. Анимациите се дизајнирани во „духот на пролетта“, додека хаптичките ефекти ги нагласуваат дејствијата кога корисникот со движење ги отстранува нотификациите.
Од Google нагласуваат дека не станува збор само за „нов слој боја“, бидејќи новите дизајнерски елементи помагаат подобро да се насочи вниманието на корисниците. Светло виолетовите и розовите нијанси, кои се прикажани на концепт-сликите, ја вршат својата работа и го прават новиот дизајн попривлечен за помладата публика.
Тинејџерите се особено наклонети кон iPhone, особено во САД, а Google се надева дека освежениот дизајн на Андроид ќе привлече помлади корисници. Во претходниот пост, кој беше отстранет, компанијата наведува дека дури 87 проценти од младите на возраст меѓу 18 и 24 години претпочитаат експресивен дизајн како оној што сега го претставија. Иако дефинитивно е привлечен, некои ќе кажат дека ќе треба нешто повеќе од нов дизајн за да ги привлечат тинејџерите да се префрлат на Android.
Покрај Android 16, и Wear OS 6 ќе го добие Material 3 Expressive дизајнот. Ќе биде прилагоден за кружни екрани и ќе вклучи неколку клучни подобрувања кои ја прават корисничката околина поефикасна и полесна за користење со допир. Корисничкиот интерфејс добива системско тематирање на бои за поиндивидуализирано искуство. Уредите со Wear OS 6 ќе имаат пофлуидни системски анимации и подобрен век на батеријата, при што Google тврди дека издржливоста е зголемена за 10% благодарение на оптимизациите на перформансите. Google исто така го носи својот Gemini AI асистент и за корисниците на паметни часовници.
Material 3 Expressive изгледот за Wear OS ќе биде достапен подоцна годинава заедно со Wear OS 6.