Брзиот роботски систем наречен Purdubik’s Cube го сруши Гинисовиот светски рекорд откако ја среди Рубиковата коцка за 103 милисекунди.
Новото време го надмина претходниот официјален рекорд од 305 милисекунди, поставен од инженерите на компанијата Mitsubishi Electric во мај 2024 година.
Тимот на студенти наведува дека новиот рекорд претставува значителен напредок во прецизноста и брзината на роботите, бидејќи роботот успеал да ја среди коцката побрзо од трепкање со око.
„Роботот ја реши коцката за 103 милисекунди. Трепкањето на човечкото око трае од 200 до 300 милисекунди. Значи, пред да сфатите дека се движи, роботот веќе ја има решено“, изјави Метју Патрохеј, член на тимот и студент на Универзитетот Пардју.
Роботскиот систем Purdubik’s Cube првпат беше претставен во декември 2024 година, кога ја освои првата награда на студентски натпревар по дизајн во областа на електротехника и компјутерски науки. Потоа продолжило неговото унапредување, што вклучува напредок во автоматизацијата и брзото компјутерско пресметување.
Системот користи машински вид за детекција на боите, прилагодени алгоритми за решавање, дизајнирани за брзо извршување на задачата, и индустриски квалитетен хардвер за контрола на движењето. Секое движење е оптимизирано со прецизни профили на движење за подобро забрзување, забавување и механичка ефикасност, што овозможува синхронизација и контрола на ниво под една милисекунда.
Тимот го дизајнирал системот така што да биде интерактивен, вклучувајќи „Smart Cube“ коцка поврзана преку Bluetooth, што им овозможува на корисниците да ја вртат во реално време, односно да го променат нејзиниот распоред. Кога корисникот ја меша коцката, роботот ги имитира сите движења веднаш, а потоа ја решава коцката веднаш штом „мешањето“ заврши. Оваа функција го трансформира искуството од пасивна демонстрација во интерактивен и едукативен приказ на роботика и автоматизација.

