Социјалната мрежа TikTok не ги почитува преземените обврски од Законот за дигитални услуги во однос на т.н. „складиште на реклами“, соопшти денеска Европската комисија врз основа на наодите од нејзината прелиминарна истрага.
„Складиштето на реклами“ е база на податоци или архива која содржи податоци за рекламите, вклучувајќи ја нивната содржина, спонзори, трошоци и должина на траење и емитување. Примарна цел на оваа база е поголема транспарентност на онлајн рекламирањето и можност на истражителите, надзорните тела и јавноста да имаат пристап до податоците за рекламите.
Комисијата посочува дека ова „складиште на реклами“ е клучно за откривање на реклами со кои се мамат граѓаните и кои се користат за кампањи со хибридни закани и координирани информативни операции, вклучително и во контекст на избори.
– Комисијата утврди дека TikTok не ги обезбедува потребните информации за содржината на рекламите, за корисниците кон кои се насочени рекламите и за тоа кој платил за рекламите. Покрај тоа, „складиштето за реклами“ на TikTok не овозможува сеопфатно пребарување на рекламите врз основа на овие информации, со што се ограничува корисноста на алатката, се додава во соопштението на ЕК.
Комисијата посочи и дека за прелиминарни наоди од истрагата веќе го информирала TikTok, кој сега има право на одбрана со проверка на документите од истражната постапка и давање писмен одговор на забелешките.
Доколку во понатамошните фази на истрагата бидат потврдени прелиминарните наоди, тогаш Комисијата може да му изрече парична казна на TikTok во висина до шест отсто од вкупниот негов годишен промет на глобално ниво, како и да го засили надзор врз социјалната мрежа.
Формална постапка против TikTok, Европската комисија ја започна на 19 февруари минатата година и со неа покрај проценката за транспарентноста на рекламирањето, беа оценувани и негативните ефекти од дизајнот на алгоритамските системи, гарантирањето на високо ниво на приватност, безбедноста и сигурноста за малолетници, како и можноста на истражителите за пристап до информации, за што истрагата продолжува.
Паралелно со ова, ЕК во декември 2024 година започна истрага против TikTok и за начинот на справување со ризиците поврзани со изборите и граѓанскиот дискурс, која исто така е во тек.


