Одбележувањето на 20-годишнината од iPhone не е мала работа, па затоа Apple за iPhone 19 Pro во 2027 година подготвува најголем редизајн уште од iPhone X.
Apple во 2027 ќе ја одбележи 20-годишнината од првиот iPhone, а според најновите информации од Јужна Кореја, оваа годишнина ќе биде проследена, благо речено, со драстичен редизајн на iPhone 19 Pro. Како што пренесува корејскиот ETNews повикувајќи се на доверливи извори, овој модел ќе донесе најголема визуелна промена уште од iPhone X, претставен во 2017 година.
Имено, Apple наводно веќе преговара со Samsung Display и LG Display за испорака на специјални екрани за новиот модел. Станува збор за таканаречен „четиристрано свиткан екран“ кој ги преместува рабовите на страничните страни на уредот, создавајќи впечаток дека целиот iPhone е направен од едно парче стакло. Ваквиот дизајн потсетува на Xiaomi Mi Mix Alpha од 2019 година, кој немаше копчиња и приклучоци, а токму таа идеја со години се поврзува со Apple.
Покрај тоа, новиот iPhone треба да добие и камера под екранот, а ќе користи и понапреден OLED екран со FinFET чип изработен во 16-нанометарски процес, за разлика од сегашните 28 nm. Со тоа дополнително ќе се подобри енергетската ефикасност и квалитетот на приказот, а повеќе нема да има никаков засек или отвор во дисплејот.
Исто така, се зборува и за воведување на solid-state батерија со целосно силициумска катода, која треба значително да го продолжи траењето на батеријата — нешто што корисниците со задоволство ќе го прифатат.

