Samsung претстави Micro OLED панели за виртуелна реалност со неверојатни 20.000 нити и над 4.000 PPI, далеку надминувајќи ги Apple Vision Pro и Meta Quest 3 — но сè уште не се подготвени за пазарот.
Еден од најголемите предизвици во светот на виртуелната реалност е постигнување на острина на сликата каква што ја очекуваме од модерните телевизори и монитори, со тоа што кај VR, екранот се наоѓа директно пред очите. Иако актуелните уреди како Meta Quest 3 (2.064×2.208 по око), PlayStation VR2 (2.000×2.040) и Apple Vision Pro (3.660×3.200) веќе постигнуваат импресивни резултати, Samsung сега оди чекор подалеку — и тоа сериозно.
Компанијата ја претстави новата генерација на микро OLED екрани (OLEDoS – OLED на силикон), кои нудат извонредна густина на пиксели до 5.000 PPI, резолуција поголема од 4K по око, и осветлување до 20.000 нити — сето тоа во панели со дијагонала од само 1,4 инчи.
Зошто 20.000 нити?
Иако звучи застрашувачки да се има толку силно светло веднаш пред окото, причината е техничка. Pancake леќите, кои овозможуваат потен дизајн на headset-ите, губат и до 90% од светлината при пренос на сликата. Дополнително, технологијата за „low-persistence“ осветлување, која го намалува замаглувањето при движење, уште повеќе ја намалува перцепираната светлина.
Затоа, 20.000 нити не значи дека корисникот гледа директно во сонце — во пракса тоа резултира со ефективна светлина од околу 300–400 нити, што е повеќекратно повеќе од денешните уреди, кои честопати паѓаат под 100 нити.
Техничка моќ во минијатурно пакување
Samsung нуди два панела:
- Верзија со 15.000 нити и 5.000 PPI
- Модел со 20.000 нити и 4.200 PPI
Резолуциите се импресивни: еден демо модел има 3.888×3.888 пиксели, додека друг надминува 4K по око. За разлика од постојните white OLED решенија (кои користат филтри за бои), Samsung користи вистинска RGB субпиксел структура, што овозможува поверодостојни бои, подлабока црна и подобра енергетска ефикасност. Панелите покриваат 99% од DCI-P3 спектарот — повеќе дури и од Apple Vision Pro кој достигнува 92%.
Кога ќе пристигнат?
За жал, тука ја допираме реалноста. Производството на вистински RGB микро OLED панели е исклучително сложено и скапо, па Samsung засега ги гледа овие екрани исклучиво како истражувачка платформа. Сè уште нема збор за масовно производство, ниту се најавени конкретни комерцијални уреди. Со оваа најава, Samsung практично го трасираше патот за иднината на виртуелната реалност.
Ако оваа технологија премине од фазата на истражување и развој во потрошувачкиот сегмент, би можеле навистина да доживееме VR искуство кое по острината, светлината и приказот на бои ќе може да се спореди со реалниот свет — нешто што досега беше само сон за љубителите на технологија.


