Освен што нудат понапредно активно поништување на бучавата, слушалките WH-1000XM6 имаат редизајнирана рамка, подобрени звучници, побрз чип и дури шест микрофони по слушалка за почисти повици.
Sony го претстави својот нов водечки модел на безжични слушалки – WH-1000XM6, кои, според тврдењата на компанијата, треба да понудат најдобро искуство на активно поништување на бучава на пазарот.
Станува збор за наследникот на исклучително популарниот модел WH-1000XM5, кој се појави на пазарот пред три години. Во споредба со претходниот модел, XM6 носи низа надградби, вклучувајќи редизајнирана рамка, подобрен слајдер-дизајн со механизам од не’рѓосувачки челик и пластика, како и нови 30-милиметарски звучници со површина отпорна на отпечатоци од прсти.

Сепак, најголемата новина е QN3 чипот, кој, според Sony, е до 7 пати побрз од претходниот QN1 чип. Вградена е и технологијата „look-ahead noise sharper“, која дополнително го подобрува звукот преку намалување на дисторзијата. Се враќа и DSEE Extreme процесорот за подобрување на квалитетот на дигиталните аудио-записи, додека технологиите од премиум серијата Walkman дополнително ја зголемуваат звучната чистота и го намалуваат шумот.
Голем напредок е направен и кај повиците – XM6 користи дури 6 микрофони по слушалка, со AI насочување за почист звук. Дополнително, системот за поништување на бучава сега користи адаптивен оптимизатор кој постојано се прилагодува на околината, а додадени се и нови функции како 360 upmix за филмови (кој претвора обичен стерео звук во сурраунд звук), десетопојасен еквилајзер за дополнителна прилагодба на звукот и посебен режим за гејминг звук.

Слушалките исто така поддржуваат LDAC, SBC, AAC, како и Bluetooth LE Audio и Auracast, а батеријата и понатаму трае до 30 часа со активен Bluetooth и ANC. Присутна е и брза функција на полнење, при што само 3 минути полнење обезбедуваат 3 часа репродукција.
Слушалките Sony WH-1000XM6 се достапни во сребрена, црна и сина боја, по цена од 450 евра.

