Компанијата Google развива функција за десктоп-режим слична на Samsung DeX и интерфејсот Smart Connect на Motorola за големи екрани.
Првите траги од десктоп-режимот за Android беа откриени во 2023 година, но се чини дека Google сега е блиску до лансирање на оваа функција. Корисничкиот интерфејс сè уште бара „полирање“ и веројатно нема да биде достапен со Android 16, туку ќе се појави со Android 17 заедно со следната генерација на Pixel паметни телефони од Google.
Функцијата е означена како Android Desktop Mode и нуди различни можности како мултитаскинг со прозорци со променлива големина, традиционални елементи за навигација на десктоп, систем за управување со апликации сличен на десктоп-оперативни системи како Windows или Chrome OS, лесна транзиција меѓу мобилен и десктоп-интерфејс и друго.
Функцијата ќе биде достапна по поврзување на мобилниот телефон со надворешен екран преку USB-C порт, но можно е и воведување на опција за безжично поврзување, иако сè уште е рано да се зборува за тоа. Samsung и Motorola веќе нудат безжични опции за своите десктоп-режими. Се верува дека функцијата прво ќе биде ексклузивна за Pixel уредите, по што ќе биде достапна и на останатите Android уреди.