Комуналниот концерн на Град Виена – Wiener Stadtwerke интензивно инвестира во производство и користење на зелен водород, чист и климатски неутрален енергент кој наскоро би можел да ги замени фосилните горива во тешкиот сообраќај, индустријата и енергетиката.
Во виенската општина Симеринг веќе функционира модерна електроенергетска станица која дневно може да произведе до 1.300 килограми зелен водород – доволно за полнење на околу 60 автобуси или камиони. Оваа енергија се добива исклучиво со користење на обновливи извори на електрична енергија, што ја прави целосно еколошка.
Додека електричните возила доминираат во приватниот сообраќај, нивната ефикасност опаѓа кога станува збор за тешки камиони и градски автобуси. Токму тука на сцена стапува водородот – гориво што се користи во возила со горивни ќелии, идеално за барани рути и тежок транспорт.
„Кој ќе се одлучи за водород, ние нудиме станици за полнење со зелен водород – не само за нашите, туку и за возилата на други компании“, изјави Петер Вајнелт, генерален директор на Wiener Stadtwerke, при посетата на водородната станица во Симеринг.
Во Виена моментално постојат две станици за водород (во Симеринг и Флоридсдорф), опремени за возила што користат притисоци од 350 и 700 бари. Веќе ги користат околу 30 компании, а досега се извршени повеќе од 1.400 полнења. Градскиот превозник Wiener Linien веќе воведе водородни автобуси, а до крајот на 2025 година во Виена ќе се возат уште 20 нови возила на водород наместо дизел. Меѓу корисниците на оваа инфраструктура се и IKEA, како и Австрискиот авто-клуб ОAMTC.
Wiener Stadtwerke не застанува само на производството. Преку своите подружници – Wien Energie, Wiener Netze и Wiener Linien – компанијата го покрива целиот синџир на вредност: од производство, преку складирање, до транспорт и примена на водородот, било во сообраќајот, енергетиката или индустријата.
„Зелениот водород е клучен елемент во енергетската и сообраќајната транзиција. Ние нудиме сè на едно место и сме подготвени да им помогнеме и на други компании да тргнат по тој пат“, рече Вајнелт.
Виенскиот пример покажува дека со паметно инвестирање е можно истовремено да се модернизира градот, да се намалат емисиите и да се отворат нови работни места.


