Компанијата Google го додаде својот AI асистент Gemini во веб-прелистувачот Chrome, беше потврдено на конференцијата Google I/O.
Gemini на почетокот ќе може „да разјаснува сложени информации на која било веб-страница што ја прегледува корисникот или да сумира информации“, се наведува во блог-пост што го напиша Џош Вудвард, потпретседател на Google Labs и Gemini.
Во компанијата замислиле Gemini во Chrome подоцна да „функционира низ повеќе јазичиња и да навигира по веб-страници наместо корисникот“.
За време на демонстрацијата, можеше да се забележи икона во горниот десен агол, а со клик на неа се отвора прозорецот на Gemini chatbot – лебдечки интерфејс кој може да се движи и да му се менува големината. Потоа, корисникот може да поставува прашања за веб-страницата.
Шармејн Д’Силва, директорка за управување со производи во тимот на Chrome, отвори страница за вреќи за спиење и кликна на предложено прашање од Gemini, со што се прикажа листа на клучни карактеристики. Gemini ја прочита целата страница и создаде краток преглед. Потоа, Д’Силва праша дали вреќата за спиење е добра опција за кампување во Мејн, а Gemini одговори извлекувајќи информации од веб-страницата на REI и од интернет.
Потоа, Д’Силва отвори страница за купување на веб-страница на друг продавач, избра друга вреќа за спиење и побара од Gemini да направи споредба. Gemini тоа го направи и понуди табела за споредба.
На почетокот ќе биде можно да се води разговор со Gemini додека корисникот се движи од едно до друго јазиче, но подоцна годинава Gemini во Chrome ќе овозможи избирање на повеќе јазичиња истовремено и ќе нуди одговори на прашања за секое од нив.
Д’Силва покажа и функција што ќе биде достапна во иднина – користење на Gemini за навигација по веб-страници. Во демонстрацијата, таа го искористи Gemini Live во Chrome за да навигира веб-страница со рецепти. Побара од Gemini да скрола до делот со состојки, а AI го прикажа токму тој дел. Исто така, Д’Силва побара помош за конверзија на количината шеќер од чаши во грами.
Во избраните демонстрации, Gemini во Chrome се покажа како корисен, особено кога станува збор за табели за споредба и пресметка на количини на состојки.
Gemini ќе биде достапен од денеска на Windows и macOS за корисници постари од 18 години, кои го користат англискиот јазик. Ќе може да го користат оние кои се претплатени на Google AI Pro и Ultra, како и корисниците на Chrome во beta, canary и dev каналите.
Google размислува и за воведување на Gemini за мобилната верзија на Chrome, но засега фокусот е на десктоп верзијата.

