Помошните програми во Windows 11 стануваат „паметни“. Во Notepad пристигнува опција за генерирање текст, Paint добива алатка за означување објекти, а Snipping Tool – за „совршени“ снимки од екран.
Во Microsoft продолжуваат со интеграција на вештачка интелигенција во своите помошни програми во рамки на Windows 11. Сѐ започна со воведување „паметни“ опции во Paint и Notepad, долго запоставени апликации, а трендот продолжува. Во новиот бран, со AI ќе бидат унапредени Paint, Snipping Tool и Notepad со функции кои прво ќе бидат достапни за Windows Insider корисниците.
Paint – генерирање и означување
Опцијата за генерирање илустрации во Paint добива дополнителна можност, која се однесува на создавање налепници (stickers) – сликички со транспарентна позадина кои може да се „залепат“ во други апликации. Можеби уште поинтересна и покорисна ќе биде новата функција за означување на објекти на сликата која се уредува – Object select. Таа ќе добие нова алатка во алатната лента и ќе овозможува паметно издвојување на препознаени објекти од сликата, нешто што досега се правеше рачно и макотрпно. Но, ако се израдувавте прерано, мора да напоменеме дека и двете функции ќе бидат активирани само на Copilot+ компјутери.

Snipping Tool – „совршени“ снимки од екран
Апликацијата за напредно фаќање на содржина од екранот добива две нови функции. Првата се однесува на создавање „совршени снимки од екран“ (Perfect screenshot) – нова алатка која, кога ќе се активира, му овозможува на корисникот прецизно да ги обележи правоаголните површини на екранот што го интересираат – прозорци, табели или слики – врз основа на автоматско препознавање на контекстот. Ова звучи како корисна опција која би можела да заштеди време и да даде подобри резултати, но исто така ќе биде достапна само за Copilot+ компјутери.

Вториот додаток во Snipping Tool ќе биде „пипетата“ за земање примероци на боја од екранот. Ова може да биде особено корисно за дизајнери и други професионалци кои досега мораа да користат напредни алатки за таа намена. Со избор на пипетата од алатната лента и кликнување на пиксел од екранот, ќе се добие информација за бојата на тој пиксел (HEX, RGB или HSL вредност). Оваа функција треба да биде достапна за сите кога ќе излезе од тест фаза.
Notepad – GenAI пишување текст
Откако доби можност за уредување текст со AI алатки, текстуалниот уредувач во Windows сега ќе може и сам да пишува текст. Во позадина е Microsoft Copilot, исто како и во Word, а за користење на оваа функција ќе биде потребна Microsoft 365 претплата. Наплатата ќе се врши преку кредити – месечно се добиваат 60, а пресметката се врши по принципот: еден prompt – еден кредит.
