Mini LED Pro технологијата овозможува напредно управување со заднинското осветлување, повисоки вредности на контраст и висока пикова осветленост. Покрај тоа, овој телевизор е насочен кон гејмерите и доаѓа со стапка на освежување на екранот од 165 Hz.
Hisense и во новата генерација телевизори продолжува со користење на mini LED технологија за позадинско осветлување, која со многу ситни LED светла нуди перформанси слични на OLED, па овие телевизори имаат значително подобар контраст и преку напредно управување со осветлувањето постигнуваат голем скок во перформансите. Истовремено, станува збор за модели со висока осветленост на екранот која ги надминува OLED конкурентите, па конечниот резултат е живописна слика која, благодарение на добриот контраст и високата осветленост, овозможува квалитетно прикажување на HDR содржини. Една од новите серии за 2025 година е Hisense U8Q, модел кој во големина од 65 инчи на глобалната страна на производителот се продава по цена од 1349 евра.

На прв поглед, станува збор за модел од повисока класа во хиерархијата на производителот, со сите карактеристики на модерен ТВ дизајн, како што се ултратенки рамки околу панелот, кои тука се изработени од метал и се усогласени со релативно широката метална основа. Телевизорот може да стои блиску до површината или да се подигне за 40 мм во случај да се постави саундбар на полицата за ТВ. Оваа серија доаѓа во пет достапни големини: 55, 65, 75 и 85 инчи, па сè до огромната дијагонала од 100 инчи.
Вистинската ѕвезда на овој телевизор, кој користи VA панел е Mini LED Pro технологијата која овозможува прецизна контрола на позадинското осветлување и придонесува за повисок контраст, подобра униформност на приказот и намален ефект на отсјај. Телевизорот е опремен со напреден процесор наречен Hi-View AI Engine Pro, чија улога е да анализира сцени и да прикажува живописни и реалистични слики преку прилагодување на сликата. Се користи и за надградба на резолуцијата на 4K, како и за AI Scenario, што овозможува оптимизација во реално време за специфични видови содржини како спорт, анимации, вести и слично. Дополнително, овој телевизор се одликува со Anti-Reflection Pro слој кој го намалува непосакуваниот отсјај од надворешни извори на светлина.

Hisense нуди и широка поддршка за HDR, па U8Q може да прикажува содржини во Dolby Vision, HDR10+, HDR10 и HLG формат. Покрај mini LED осветлувањето, оваа серија вклучува и Quantum Dot слој и PANTONE сертификат за веродостојни бои.
За гејмерите е важно да се истакне стапката на освежување од 165 Hz, како и Game Bar додатокот кој овозможува брзи прилагодувања на клучните функции за време на играњето. Поддржани се AMD FreeSync, VRR и ALLM, па и играчите на конзолите можат да уживаат во 4K/120 Hz. Hisense 65U8Q располага со сите четири HDMI 2.1 портови, како и со USB-C приклучок преку кој можат да се поврзат различни уреди или да се полни мобилен телефон со 10 W полнење.

За звукот се грижи 4.1.2 звучен систем кој вклучува и сабвуфер, а вкупната излезна моќност е 80 W со поддршка за Dolby Atmos и DTS Virtual X. Дополнително, звучниците на телевизорот може да се поврзат со компатибилен саундбар, а оваа функција се нарекува Hi-Concerto.
Како и изминатите години, Hisense телевизорите доаѓаат со VIDAA Smart TV интерфејс кој се прилагодува според вашите навики и нуди солиден број апликации на едно место, меѓу кои и сите познати видео стриминг сервиси, од кои некои имаат сопствено копче на далечинскиот управувач. Самото далечинско се полни преку соларни ќелии, но има и опција за напојување преку USB-C кабел.

