Според бенчмарк тестовите, XRing O1 е побрз од Apple A18 Pro во одредени задачи. Генералниот директор на Xiaomi, Леј Џун истакна дека ова претставува историски чекор за Xiaomi и за кинеската индустрија за чипови, со што се намалува зависноста од странски добавувачи.
Xiaomi вчера официјално го претстави својот најнов чип XRing O1, со што беше заокружен четиригодишниот развој на напреден SoC кој според перформансите се натпреварува со A-серии.те на Apple.
„Историски момент за Xiaomi“
На настанот во Пекинг, основачот и извршен директор на Xiaomi, Леј Џун, ги презентираше податоците според кои XRing O1 во одредени бенчмарк тестови не само што се мери со, туку и значително го надминува актуелниот Apple A18 Pro чип. Леј Џун на презентацијата изјави: „Ова е историски момент за Xiaomi и кинеската индустрија за чипови. XRing O1 покажува дека можеме да развиеме и произведеме чипови кои рамноправно се натпреваруваат со најдобрите во светот.“
Новиот XRing O1 е изработен со напреден 3-нанометарски литографски процес, што му овозможува на Xiaomi да интегрира дури 19 милијарди транзистори на еден чип – густина што одговара на A18 серијата на Apple. Чипот користи архитектура со 10 јадра, што му дава значајна предност во паралелно извршување на задачи.
Xiaomi ги предизвикува чиповите на Apple
Леј Џун потенцираше дека XRing O1 во тестирања на поединечно и повеќејадрено ниво достигнува резултати слични на Apple A18 Pro, додека во одредени синтетички тестови постигнува и значително подобри резултати. Овие податоци беа претставени како доказ за способноста на Xiaomi да развие сопствен врвен чип, со што компанијата ја намалува зависноста од надворешни добавувачи и ја зацврстува својата позиција на глобалниот пазар на паметни телефони.
Xiaomi вложи значителни средства во развојот на XRing O1, а проектот започнал пред четири години со цел да се оспори технолошката доминација на Apple. Според достапните информации, XRing O1 треба да се најде во претстојните премиум модели на Xiaomi, што може дополнително да ја заостри конкуренцијата во сегментот на мобилни процесори од највисока класа.
Од Apple засега нема официјален коментар за резултатите од тестирањата, но јасно е дека со овој потег Xiaomi ја подигна летвичката во глобалната трка за најбрз и најмоќен мобилен чип.