Тексас би можел да стане следната американска држава со закон кој забранува користење на социјалните мрежи. Станува збор за закон според кој лица помлади од 18 години не би можеле да користат социјални мрежи. Предлогот го помина сенатскиот одбор и се очекува гласање пред Сенатот на државата Тексас. Доколку Сенатот и гувернерот го одобрат до 2 јуни, законот ќе биде усвоен.
Порано оваа година, предлог-законот беше одобрен од одборот на Претставничкиот дом, а подоцна гласаше и државниот Претставнички дом во негова полза. Доколку стапи на сила, законот ќе ги обврзе платформите на социјалните мрежи да ја проверуваат возраста на секое лице кое создава профил, слично како што Тексас претходно усвои закон со кој од веб-страниците со порнографска содржина се бара да имплементираат систем за проверка на возраста на корисниците. Освен тоа, забраната на социјалните мрежи во Тексас предлага и родителите да имаат можност да го избришат профилот на своето дете од социјалните мрежи, а на платформите им се дава рок од 10 дена да го исполнат барањето или ќе се соочат со парична казна.
Тексас не е единствената држава што покажува интерес за ограничување на пристапот до социјалните мрежи. Минатата година, гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, потпиша закон со кој им се забранува на лица помлади од 14 години да користат социјални мрежи, додека лица на возраст од 14 и 15 години мора да добијат согласност од родителите за да креираат профил или да продолжат да го користат постојниот. Сепак, предложениот закон во Тексас е многу построг од овој.
Во поширока смисла, американскиот Сенат во април 2024 година претстави закон за забрана на социјалните мрежи за лица помлади од 13 години. Откако сè „заглави“ во фазата на разгледување во одбор, сенаторите Брајан Шац и Тед Круз неодамна најавија потенцијален втор обид за усвојување на овој закон.