Кинеските производители потпишаа договор за примена на единственото UFCS 2.0 решение за поефикасно и побезбедно полнење на батерии
Компаниите Huawei, Honor, OPPO и vivo потпишаа нов договор за примена на UFCS 2.0 протоколот за брзо полнење. Станува збор за унапреден стандард кој има за цел да овозможи побрзо, постабилно и универзално компатибилно полнење на мобилните уреди.
UFCS (Универзален Стандард за Брзо Полнење) е заеднички развиен стандард за полнење од страна на повеќе кинески брендови. Тој го решава проблемот со некомпатибилноста што постоеше меѓу различните технологии за брзо полнење, комбинирајќи решенија од повеќе производители во еден единствен систем.
На неодамна одржаната Конференција за единствен систем на брзо полнење 2025, која заеднички ја организираа Кинеската асоцијација за комуникациски стандарди, Индустриското здружение за брзо полнење од провинцијата Гуангдонг и Здружението на производители на телекомуникациска опрема, беше лансиран UFCS 2.0 стандардот.
UFCS 2.0 носи низа технички унапредувања, вклучувајќи:
- Стандарден метод за брзо полнење со моќност од 40 W,
- Подобрена безбедност и интер-комуникација при процесот на полнење помеѓу телефонот и полначот,
- Функција за обратно полнење (reverse charging), што значи дека телефонот може да се користи како полнач за други уреди.
Новиот договор меѓу компаниите ја сигнализира нивната заедничка намера да го имплементираат овој стандард во идните уреди, што ќе им овозможи на корисниците подолг век на батеријата, подобри перформанси и поголема компатибилност на полначите од различни производители.
UFCS 2.0 претставува важен чекор кон единствен стандард за брзо полнење кај телефоните од кинеските брендови, при што на корисниците им се ветува подобро, побезбедно и поефикасно полнење – без разлика која марка телефон користат, пренесува HC News.

