Microsoft Smart App Control користи вештачка интелигенција за да ги блокира заканите пред да се активираат
Microsoft претстави нова безбедносна функција за Windows 11 под името Smart App Control, со цел да ја унапреди заштитата на системот и да го намали оптоварувањето на процесорот што традиционалниот антивирусен софтвер најчесто го предизвикува.
Некаде во минатото, користењето на вградениот Windows антивирус не беше добра препорака, бидејќи апликацијата трошеше многу ресурси, а не помагаше многу во борбата против малициозен софтвер. Денес, Microsoft Defender е значително подобрен и претставува сосема прифатливо решение за просечните корисници, но и понатаму може значително да го оптовари процесорот. Тука настапува Smart App Control.
За разлика од класичните антивируси кои реагираат кога малициозната апликација веќе се активирала, новата алатка на Microsoft дејствува проактивно – блокира потенцијално сомнителни апликации уште пред да имаат шанса да му наштетат на системот. Користи машинско учење и податоци од облакот за да ги препознае штетните програми и да го спречи нивното активирање без потреба од класично скенирање, што ја намалува употребата на системските ресурси.
Сепак, Microsoft советува корисниците да не го исклучуваат постојниот антивирус, бидејќи традиционалните алатки сè уште имаат важна улога во откривањето и отстранувањето на веќе познати закани.
Со воведувањето на оваа функција, Microsoft се обидува да направи баланс помеѓу подобра безбедност и помало оптоварување на системот – нешто што особено ќе им значи на корисниците со послаби компјутери и на оние кои бараат сигурна заштита без забавување на работата на уредот.


