Компанијата Google претстави низа новитети кои треба да го олеснат веб-пребарувањето и да овозможат подобри резултати во пребарувањето на интернет
Начинот на кој пребаруваме информации на интернет брзо се менува, а тоа го знаат и во компанијата Google, која својот бизнис го изгради токму врз основа на интернет-пребарувањето. Но, и на компанијата ѝ е јасно дека иднината значи сè помалку класично „гуглање“, а сè повеќе разговор со вештачка интелигенција, која директно ќе ни дава конкретни одговори без потреба самите да ги бараме на линковите што ни ги нуди пребарувачот.
За да не ги бараме тие одговори преку ChatGPT или други чет-ботови базирани на вештачка интелигенција, Google уште претходно најави интегрирање на вештачка интелигенција во својот пребарувач. Оваа недела Google најави дека режимот со вештачка интелигенција за пребарување веќе е достапен за сите корисници во САД.
Овој режим, кој се користи преку посебен дел во Google, е наменет за посложени пребарувања од класичното. На пример, ако сакате да споредите различни модели на телефони, телевизори или други уреди, оваа алатка може да ви даде целосен преглед со предности, недостатоци, цени и сл.
Длабочинско пребарување
Како што објаснуваат од Google на својот официјален блог, ова е само вовед во она што следува. Кога ќе се добијат доволно повратни информации од корисниците, многу од можностите на овој режим ќе бидат имплементирани директно во основното пребарувачко искуство. Тоа значи нови функции кои ќе обезбедат уште попрецизни и порелевантни одговори.
Дополнително, Google најави и нови можности за режимот како алатки за онлајн шопинг, споредба на цени и изработка на персонализирани графикони поврзани со финансии и спорт.
Во иднина се очекува и функцијата за длабинско пребарување со која Gemini (моделот на вештачка интелигенција на Google) ќе има повеќе време да изработи сеопфатни извештаи за одредени теми. Исто така, наскоро ќе биде вклучена и опцијата базирана на проектот Mariner, која Google ја тестира од минатата година, а се однесува на агенти на вештачката интелигенција кои ќе извршуваат задачи наместо корисникот. На пример, ако сакате да купите билет за спортски настан или концерт, агентот прво ќе ја пребара мрежата за најдобра понуда, па потоа ќе ја изврши самата купопродажба. Подоцна, оваа можност ќе се прошири и за резервации во ресторани и слично.
Сите овие новитети, како и други што ќе следуваат, најпрво ќе бидат достапни во фаза на тестирање, а потоа и за сите корисници.