Истражување во САД покажува дека корисниците се сè понезадоволни од мобилните телефони – и, верувале или не, најголемиот проблем е батеријата.
И покрај сè поголемите вложувања на производителите на паметни телефони во функции базирани на вештачка интелигенција, корисниците не се импресионирани. Според Американскиот индекс на задоволство на потрошувачите (ACSI) за 2025 година, задоволството на корисниците со паметните телефони паднало на најниско ниво во последната деценија – само 78 поени од можни 100, што е остар пад во однос на рекордната оценка од претходната година.
Оваа студија е спроведена врз основа на повеќе од 27.500 прашалници во САД и покажува дека корисниците сè уште најмногу се заинтересирани за основните функции на телефоните, како што се траењето на батеријата, квалитетот на повиците и достапноста на сервисирање – а не за новите AI опции што брендовите агресивно ги промовираат.
Како што истакнува Форест Моргесон, виш истражувач во ACSI: „Производителите постојано додаваат нови технологии, но она што навистина го сакаат корисниците е добро основно корисничко искуство.“ Корисниците најголемо незадоволство изразиле токму во однос на траењето на батеријата, што укажува дека тоа останува најголема слабост на модерните паметни телефони.

Кога станува збор за поединечни брендови, Apple и Samsung и понатаму се водечки, но нивните оценки се благо намалени – од 82 на 81 поен. Motorola и Google добиле по 75 поени, додека другите брендови се рангирале уште полошо. Интересно е што корисниците на 5G телефони генерално се позадоволни од оние што користат 4G уреди, што сугерира дека технолошкиот напредок сепак носи одредени подобрувања во искуството на користење.
Корисниците пред сè сакаат подолготрајни батерии и подобри основни перформанси – а не само функции со вештачка интелигенција. Брендовите кои ги игнорираат овие приоритети сериозно ризикуваат да го загубат довербата на потрошувачите, покажуваат резултатите од истражувањето на ACSI.


