Opera го објави својот нов веб-прелистувач Opera Neon, силно поврзан со агенти за вештачка интелигенција кој ќе им помага на корисниците во секојдневната работа и пребарување
Имено, Opera Neon доаѓа со три копчиња на страничната лента: Chat, Do и Make. Chat претставува основен интерфејс на четбот преку кој можете да пребарувате на интернет, да добивате одговори на вашите прашања и да барате повеќе информации за веб-страниците што ги разгледувате – што функционира слично како и други четботови од типот на ChatGPT.
Од друга страна, опцијата Do активира нов AI агент кој може да извршува разни задачи наместо вас, како на пример пополнување досадни формулари или управување со резервации директно од прелистувачот.

Третата опција, Make, е особено интересна бидејќи според вашите текстуални инструкции може да програмира различни типови на софтвер, да пишува делови од код, па дури и цели видео игри, како што може да се види во ова видео.
Сите овие функции се извршуваат на виртуелен компјутер во облакот, а Neon самостојно ќе продолжи да работи на зададените задачи дури и кога ќе се исклучите од интернет, и ќе можете да покренувате повеќе задачи истовремено.
Во секој случај, ова изгледа многу интересно, но останува прашањето дали Опера има доволно силна инфраструктура за да поддржи голем број на барања.
Сепак, Опера моментално има околу 3% пазарен удел кај прелистувачите, па засега нејзините сервери сигурно ќе можат да се справат со сите барања и обработки од корисниците. Ако бројот на корисници драстично се зголеми, тогаш ќе треба да ја прошири инфраструктурата или да се здружи со некој партнер кој ќе ѝ го овозможи тоа.
Ако сакате и самите да го пробате прелистувачот Opera Neon, ќе треба да се запишете на листата на чекање преку оваа врска.



