Корисниците на Android сега можат да отвораат Office документи без најава на Microsoft сметка.
Microsoft конечно им овозможи на корисниците на Android нешто што корисниците на iPhone веќе извесно време го имаат — можноста да отворат споделени Office фајлови (Word, Excel, PowerPoint) без потреба од најава на Microsoft сметка. Оваа функционалност беше достапна на iOS уште претходно годинава, а сега конечно пристигнува и на Android уредите.
Новата опција за анонимно споделување фајлови сега официјално се воведува. Кога некој ќе сподели документ преку Office апликацијата, примачот може едноставно да кликне на линкот и веднаш да пристапи до содржината, без регистрација или логирање.
Споделувањето функционира така што во Word, Excel или PowerPoint апликацијата се кликнува на копчето за споделување, потоа се внесува е-маил адресата на примачот или се копира линкот. Кога примачот ќе го отвори тој линк на Android уред, документот ќе се прикаже во режим само за читање, дури и ако се појави прозорец за најава, кој може слободно да се затвори.
Оваа опција е идеална за брз пристап до важни документи додека сте во движење, без непотребни компликации со кориснички сметки. Корисниците на Microsoft Office апликации на Android ќе треба да имаат верзија 16.0.18827.20066 или понова за да можат да испраќаат фајлови на овој начин.
Иако оваа функционалност заостанува зад Google Drive, кој ваков тип на споделување го поддржува веќе со години, Мајкрософт со овој чекор ја подобрува секојдневната употреба на Office пакетот, особено во деловно и образовно опкружување. Иако не станува збор за револуционерна промена, сепак е корисен и конкретен напредок за Android корисниците кои често работат со Office документи, пренесува Android Authority.