Новата услуга за комуникација XChat на платформата X носи енкрипција слична на биткоин мрежата, автоматско бришење пораки и поддршка за гласовни повици.
Елон Маск повторно го проширува технолошкиот универзум на својата платформа X, поранешен Twitter. На својот профил лично го најави лансирањето на новата функција за размена на пораки – XChat, интегрирана директно во платформата X.
Маск нагласува дека новата услуга користи напредна заштита на пораките преку енкрипција слична на онаа што ги штити трансакциите со биткоин, како и целосно нова инфраструктура базирана на Rust архитектурата.
XChat функционира без потреба од телефонски број и е достапен на сите платформи. Освен стандардна размена на пораки, поддржува автоматско бришење пораки по читање, испраќање фајлови од сите формати, како и гласовни и видео повици. Со овој чекор, Маск очигледно цели кон пазарот што бара поголема приватност и контрола над комуникацијата.
Изминатата недела, платформата X тивко ја укина експерименталната функција за „шифрирани пораки“ за одредени корисници, што тогаш беше протолкувано како подготовка за XChat. Сега тоа е и официјално потврдено.
Сепак, според TechCrunch, XChat засега не е достапен за пошироката јавност. Во моменталната фаза, функцијата е ограничена само на бета тестери и може да се користи само со претплата на платен налог. Сè уште не е познато кога XChat ќе биде отворен за сите корисници.