Avenza Maps е апликација што е специјализирана за работа со геореференцирани мапи и нуди можност за навигација дури и кога нема достапна интернет конекција, што значи дека ќе функционира беспрекорно дури и во најзапуштените делови од светот…
Avenza Maps не е класична апликација за навигација како Google Maps или Waze. Наместо да се потпира на класични патни мапи и онлајн пребарување рути, Avenza е специјализирана за работа со прецизни топографски, геолошки и други видови мапи што можат да се преземат, вчитаат и користат офлајн.
Апликацијата поддржува популарни формати на мапи, а клучната предност ѝ е што дозволува користење на карти базирани на прецизни геоподатоци. Се потпира на вградениот GPS систем на паметниот телефон за да ја прикаже моменталната локација, насока и ориентација во реално време.

Корисниците можат да додаваат точки од интерес, фотографии и описи со точни GPS координати. Поддржува увоз и извоз на GPX и KML фајлови, а нуди и дополнителни алати за работа со вчитаните карти – како што се мерење растојание и површина, што е особено корисно за планирање на движење, проценка на големина на земјиште и многу повеќе.
Функциите и алатите што ги нуди Avenza Maps се особено корисни за планинари и авантуристи, теренски научници, истражувачи и геолози, пожарникари и спасувачи, како и професионални картографи и урбанисти. Апликацијата содржи и сопствена продавница за карти (покрај тоа што може да се вчитаат сопствени мапи), како и бројни други функционалности.

Основната верзија на апликацијата е бесплатна, но доста ограничена. За целосно користење на можностите потребна е надградена верзија: Plus изданието чини 40,99 евра годишно, а Pro изданието, кое е најмоќно, чини 184,99 евра годишно.

