Новите информации за процесорот Snapdragon X2 Elite на Qualcomm откриваат дека овој чип за лаптоп компјутери би можел да добие вграден ултра-брз RAM од 64 GB.
Иако Qualcomm сè уште официјално не објавил кога ќе ги претстави новите верзии на процесори Snapdragon за лаптопи, познато е дека годинешниот Snapdragon Summit ќе се одржи од 23 до 25 септември на Хаваи. Се очекува на овој настан да бидат претставени не само Snapdragon X2 Elite, туку и Snapdragon 8 Elite 2, како и нивни послаби варијанти.
Во меѓувреме, познатиот извор @Roland Quandt сподели нови детали за врвниот чипсет за лаптопи, кој сè уште се развива под ознака SC8480XP, а првпат беше забележан уште во септември минатата година. Quandt претходно објави дека чипот е тестиран со 48 GB RAM, што беше блиску до моменталниот максимум од 64 GB, колку што нудат некои модели со процесорот Snapdragon X Elite, како на пример Microsoft Surface Laptop 7.
Сепак, новите сознанија укажуваат дека Qualcomm сега активно тестира и конфигурации со 64 GB RAM за Snapdragon X2 Elite, што претставува значителен чекор напред, бидејќи вакви конфигурации се ретки кај Windows лаптопите, освен кај гејмерски или работни станици.
Дополнително, се истакнува дека новиот чипсет сè повеќе наликува на SoC со 18 јадра, што би значело зголемување од 50% во бројот на CPU јадра во споредба со претходниот Snapdragon X Elite. Доколку овие информации се потврдат, Snapdragon X2 Elite би можел значително да ги помести границите на мобилните Windows компјутери со ARM архитектура, пренесува Notebookcheck.