Perplexity е како млада девојка на која ѝ се додворуваат двајца богати момчиња – Samsung и Apple. Samsung ѝ нуди брак со мираз, односно инвестиција од 500 милиони долари и и го ветува секој Galaxy телефон. Apple е повнимателен додворувач – ја фали, но засега не сака да се врзе. Дали Perplexity ќе седи на две столчиња?
AI пребарувачот Perplexity стана новата ѕвезда околу која се вртат најголемите производители на мобилни телефони во светот. Samsung и Apple, двата најголеми конкуренти во индустријата за паметни телефони, отворено се натпреваруваат за партнерство со AI-компанијата која за помалку од три години прерасна од стартап во компанија со проценета вредност од 14 милијарди долари.
Зошто е Perplexity толку важен?
Perplexity се позиционира како „пребарувач на одговори“ кој испорачува директни одговори со цитати, наместо само листа од линкови, што го прави директен конкурент на Google, ChatGPT и Gemini. Со обработка на над 400 милиони барања месечно и годишен приход од речиси 100 милиони долари, компанијата докажа дека може да го подобри начинот на кој корисниците пребаруваат информации. Платформата користи напредни AI-модели – во бесплатната верзија GPT-3.5, а во премиум-претплатата вклучува OpenAI модели како GPT-4o, GPT-4.5 и o3-mini, потоа Claude 3.7 Sonnet од Anthropic, како и Gemini Flash 2.0 од Google. Исто така, користи и Llama 3 од Meta, Deepseek R1 и Mistral Large. Perplexity има и свои прилагодени модели оптимизирани за брзина и ефикасност, што му овозможува да ги комбинира најдобрите карактеристики од различни AI-системи според видот на прашањето.
Стратегијата на Samsung: целосна интеграција со Galaxy уредите
Samsung е блиску до склучување обемен договор кој вклучува инвестиција во Perplexity и длабока интеграција во Galaxy уредите. Планот опфаќа неколку клучни области:
- Прединсталирана Perplexity апликација во Galaxy S26 серијата што ќе се појави на почетокот на 2026 година, што ќе ја направи стандардна опција како AI асистент.
- Интеграција на Perplexity технологијата во виртуелниот асистент Bixby.
- Разговори и за развој на оперативен систем со AI-функции и апликација за AI агенти што ќе можат да пристапат до функционалности на различни AI-асистенти.
За да се приближи уште повеќе, Samsung ќе биде еден од најголемите инвеститори во новата рунда финансирање на Perplexity, која е во доцна фаза и се стреми да собере 500 милиони долари. Ова партнерство би му помогнало на Samsung да ја намали зависноста од Google услугите и да соработува со различни AI-развивачи.
Тактиката на Apple: внимателна диверзификација на AI партнерства
Apple има пообмислен пристап, но јасно покажува интерес за Perplexity. „Многу сме задоволни од она што го прави Perplexity, па почнавме разговори со нив“, изјави Еди Кју, потпретседателот за услуги на Apple, за време на сведочењето на антимонополското судење против Google.
Плановите на Apple вклучуваат користење на Perplexity како алтернатива на Google Search во Safari прелистувачот и како можна замена за интеграцијата на ChatGPT во гласовниот асистент Siri. Apple во моментов планира големо ажурирање на Siri што ќе се случува во текот на оваа и почетокот на 2026 година, главно за да ја стигне конкуренцијата.
За разлика од агресивната стратегија на Samsung за целосна интеграција, Apple останува верен на својата типична претпазливост. Компанијата, слично како со интеграцијата на ChatGPT, размислува Perplexity да биде само една од опциите, а не главен AI асистент.
Стратешкиот потег на Perplexity: мобилна експанзија
За Perplexity, партнерството со Samsung претставува најголемото мобилно партнерство досега, и доаѓа по неодамнешниот договор со Motorola. Генералниот директор на Perplexity, Аравинд Сринивас, објаснува дека интеграциите во паметни телефони се клучни, бидејќи се „најголемата точка на контакт за потрошувачките компании“.
Компанијата веќе ја демонстрираше својата мобилна стратегија преку партнерството со Motorola, каде Perplexity беше интегриран како дел од функциите „Moto AI“, правејќи ја Motorola првиот производител на паметни телефони што директно го интегрирал Perplexity во уред.
Зошто оваа битка е значајна за иднината на AI
Натпреварот меѓу Samsung и Apple за Perplexity претставува поширок тренд во технолошката индустрија, каде традиционалните технолошки гиганти се борат за пристап до најнапредните AI-технологии. За Samsung, ова е можност да се зацврсти како лидер и да ја намали зависноста од Google. За Apple, тоа е начин да ги диверзифицира AI-партнерствата и да ја задржи конкурентноста. Сепак, останува нејасно како Perplexity, со сè подлабоката врска со Samsung – еден од главните конкуренти на Apple – ќе ја усклади потенцијалната соработка со двата ривали.