Новата сертификација од Microsoft гарантира пренос на податоци, полнење и приказ преку USB-C без никакви проблеми
Microsoft конечно реши да стави крај на хаосот кој владее околу различните USB-C стандарди кај уредите со Windows 11. Со доаѓањето на верзијата Windows 11 24H2, компанијата ќе бара од производителите строго придржување кон прецизно дефинирани USB-C стандарди, со што ќе се елиминираат нејаснотиите и проблемите со пренос на податоци, полнење и поврзување надворешни монитори.
Досегашната USB-C состојба: слобода која носеше конфузија
Досега, производителите имаа слобода како ќе ги имплементираат USB-C приклучоците, често без да го искористат целиот потенцијал што технички го поддржува USB-C, вклучително и брзини на пренос до 80 Gbps, полнење до 240 W, како и поддршка за Thunderbolt, DisplayPort и PCIe. Тоа доведуваше до фрустрирачки ситуации – на пример, не можеше да се прикаже слика на монитор и покрај правилно поврзување, затоа што кабелот или приклучокот не ги исполнувал потребните стандарди.
Microsoft воведува WHCP ознака за USB-C сертификација
Сега Microsoft ги пренесува сите тие опционални стандарди во задолжителни преку Windows Hardware Compatibility Program (WHCP). Лаптопи со оваа ознака ќе мора да ги исполнуваат следните технички барања, зависно од верзијата на USB:
Доколку уредот користи USB4:
- Сите USB-C порти мора да поддржуваат брзини од 40 или 80 Gbps.
- Мора да бидат целосно компатибилни со Thunderbolt 3.
- Портовите мора да поддржуваат полнење од најмалку 15 W (за таблет-хибриди минимум 7,5 W).
- Задолжителна поддршка за: USB Power Delivery, PCIe tunneling, DisplayPort Alt Mode и два 4K монитора на 60 Hz.
Доколку уредот користи USB3:
- USB-C портовите мора да овозможуваат пренос од 5, 10 или 20 Gbps.
- Задолжително полнење од 4,5 до 15 W.
- Портот мора да поддржува барем еден надворешен екран.
- Не е задолжителна поддршка за Thunderbolt 3 ниту за надворешен PCIe.
Сертификација со помош на Microsoft HLK алатката
Производителите ќе мора да ја користат алатката Windows Hardware Lab Kit (HLK) за да ги тестираат уредите и да добијат WHCP ознака. Ова ќе им помогне на корисниците да знаат дека сите USB-C портови на нивниот уред се доверливи и усогласени со барањата на Microsoft.
Со оваа иницијатива, Microsoft става крај на „вашарот“ со USB-C стандардите кој досега владееше кај Windows уредите, гарантирајќи дека корисниците повеќе нема да мора да гадаат дали нивниот порт или кабел ќе функционира правилно. Јасната ознака за компатибилност треба да обезбеди сигурно и беспрекорно искуство, без разлика кој Windows 11 лаптоп го користите.