Со потенкиот Blade 16, Razer во својот гејминг лаптоп вгради AMD Ryzen AI процесори и до Nvidia GeForce RTX 5090 графичка картичка, како и OLED екран со 240 Hz.
Razer Blade се наоѓа на врвот на понудата на гејминг лаптопи и е еден од синонимите за премиум сегментот, што подразбира и очекувано висока цена. Razer не го смени дизајнот и основниот изглед во однос на претходната генерација, но во новиот модел Blade 16 покрај поновиот хардвер, производителот донесе и потенок уред што повеќе ја оправдува острицата во името. Лаптопот се потпира на AMD Ryzen AI 7 и 9 процесори и Nvidia RTX Blackwell графички картички, при што најсилниот достапен модел е RTX 5090. Оваа конфигурација со Ryzen AI9 365 и Nvidia RTX 5080 може да се нарача за нешто помалку од 4000 евра.
Главната промена во визуелниот идентитет е во дебелината на уредот, кој сега е околу 30% потенок — предниот дел има дебелина од 14,9 милиметри, додека задниот дел достигнува 17,4 мм. Дополнително, со маса од 2,1 килограм, ова е еден од полесните гејминг модели со дијагонала на екран од 16 инчи. И понатаму станува збор за алуминиумско unibody куќиште со чист визуелен идентитет. Единственото што укажува дека станува збор за гејминг модел е зелениот осветлен Razer логотип на капакот од екранот и RGB тастатурата. Razer пристигнува во црна боја, а USB-портовите во внатрешноста имаат зелена боја која создава интересен контраст. Од лева и десна страна на OLED панелот има многу тенки рамки, додека над екранот се наоѓа малку поширока лента во која е сместена 1080p веб-камера.
Razer се одлучи за OLED панел со резолуција од 2560 x 1600 пиксели. Освен огромниот контраст и одличниот приказ на црната боја, OLED нуди брза реакција од 0,2 милисекунди и напреден приказ на бои. За гејмерите, покрај брзиот одзив и присуството на Nvidia G-Sync технологијата, особено важна е високата стапка на освежување на панелот од 240 Hz.
За да се постигне висок фрејмрејт на оваа резолуција, Razer вгради најнови компоненти. AMD Ryzen AI 9 365 со своите десет јадра и максимален работен такт од 5 GHz нема да биде тесно грло на системот и треба добро да функционира со новата Nvidia RTX 5080 графичка картичка која има 16 GB видео меморија. Дополнително, системот располага со 32 GB RAM меморија (најсилниот модел има 64), која не може да се надградува бидејќи е залемена за матичната плоча, како и SSD од 1 терабајт (максимум до 4 TB). Razer донесе и редизајниран систем за ладење за моќните компоненти во тенкото метално куќиште.
Razer Blade 16 го оправдува својот премиум сегмент со богат избор на конектори. Тука се HDMI 2.1, два USB-C порта, три USB-A и 3,5 мм аудио конектор, како и читач за microSD картички. За мрежно поврзување се грижат Wi-Fi 7 и Bluetooth 5.4. Тастатурата доаѓа со широк сет на опции за прилагодување на RGB позадинското осветлување, со од 1,5 мм и можност секое копче индивидуално да се осветли преку Chroma софтверот. Под тастатурата се наоѓа пространа стаклена тaчпед површина. Razer доаѓа и со голема батерија од 90 Wh, која, доколку не се користи моќната графичка картичка, може да овозможи користење на системот до над 8 часа.