OpenAI претстави нови функционалности за ChatGPT, насочени пред сè кон деловните корисници, вклучително и можности за снимање состаноци и поврзување со популарни сервиси за складирање како Google Drive, Dropbox, Box, SharePoint и OneDrive. Корисниците ќе можат да водат белешки и да снимаат „brainstorm“ сесии, а ChatGPT автоматски ќе извлекува и структурира податоци од документите.
Белешките ќе вклучуваат транскрипти со временски ознаки и списоци со задачи што автоматски ќе се генерираат од разговорите, додека анализата на документите ќе биде овозможена преку интеграција со веќе споменатите сервиси за складирање. Како што пренесува The Verge, при анализата на документите ChatGPT ќе ги почитува правата за пристап на корисниците во рамки на компанијата.
Снимањето состаноци е достапно само за корисниците на претплатничкиот пакет ChatGPT Team, додека поврзувањето со надворешни сервиси за складирање е овозможено за корисниците на пакетите ChatGPT Team, Enterprise и Edu.