Ако информациите за капацитетот на батеријата на Xiaomi 16 се покажат како точни, тој мобилен телефон многу брзо би можел да стане еден од најпосакуваните меѓу корисниците на Android.
Xiaomi ќе го претстави својот нов предводник, Xiaomi 16, кон крајот на септември во Кина, кој според досегашните неофицијални информации, ќе има батерија со капацитет од дури 7.000 mAh. Со тоа, Xiaomi 16 би можел да понуди значително подолга автономија во однос на својот претходник кој имаше батерија од 5.240 mAh.
Освен батеријата со голем капацитет, Xiaomi 16 наводно ќе има рамен OLED екран со големина помеѓу 6,3 и 6,4 инчи, што ќе го направи покомпактен во споредба со многу конкуренти. Уредот ќе биде придвижуван од Qualcomm-овиот Snapdragon 8 Elite 2, кој ќе биде претставен за време на Snapdragon Summit, од 23 до 25 септември.
На задната страна на мобилниот се очекуваат три камери, секоја со резолуција од 50 мегапиксели. Главниот сензор треба да биде со големина од 1/1.3 инчи, а се „шушка“ и за присуство на перископски телефото сензор, што би овозможило квалитетно зумирање без загуба на детали.