Microsoft ги најави рачните конзоли ROG Xbox Ally и ROG Xbox Ally X, изработени во соработка со ASUS, кои како што велат, „ја комбинираат моќта на Xbox со слободата што ја очекувате од Windows“.
Двете конзоли ќе бидат достапни за божиќните и новогодишните празници во 2025 година на одбрани пазари, а дополнителни пазари ќе следат подоцна.
Microsoft вели дека овие рачни уреди се изработени со цел да ви овозможат полесен пристап до вашите омилени игри – од Xbox, Battle.net и други водечки продавници за компјутерски игри.
Дополнително, велат дека го имаат оптимизирано Windows 11 за лесна употреба на Xbox Ally и Xbox Ally X од моментот кога ќе го вклучите уредот, како што може да се види во видеото.
Со интеграција на иновативната ASUS алатка Armoury Crate, Game Bar овозможува поедноставен пристап до напредните контроли и внесувања на уредот. Детали како заклучениот екран и менувачот на задачи исто така се прилагодени за лесна навигација со користење на контролер.

„Бидејќи овие рачни уреди работат на Windows, имате пристап до игри кои не се достапни никаде на друго место, па можете да уживате во целосната слобода и разновидност на PC гејмингот. Преземете игри од вашата омилена продавница, стартувајте апликации како Discord, гледајте ги вашите омилени стримери на Twitch и играјте со омилените модови“, наведуваат од Microsoft.
Кога ќе го вклучите Xbox Ally, директно се стартува Xbox во цел екран, нова функција специјално оптимизирана за играње на преносни уреди. Со нови модификации кои ја минимизираат активноста во позадина и ги одложуваат несуштинските задачи, повеќе системски ресурси се посветени токму на играњето. Тоа значи повеќе меморија и повеќе фрејмови во секунда, додека со наменско Xbox копче, играчите имаат пристап до чет, апликации и поставки преку унапредениот Game Bar overlay, што овозможува брзо менување меѓу апликации и игри.
Game Bar и Xbox апликацијата се оптимизирани и за преносни уреди, носејќи ги познатите опции за пристапност од Xbox конзолите и Windows компјутерите.
Со поддршка за над 1000 игри, една купена игра значи дека можете да ја играте на Xbox конзола, компјутер и Xbox Ally – со зачуван напредок и достигнувања, без дополнителни трошоци. А кога ќе го вклучите вашиот Xbox Ally или Xbox Ally X, омилените игри веќе се таму, подготвени за игра. Без разлика дали сте играле на Xbox конзола, на компјутер или преку облак, сè се синхронизира беспрекорно. Со Xbox Cloud Gaming (Beta) или Remote Play, можете да пристапите до целата библиотека од вашата Xbox конзола и да продолжите со играње – каде и да сте.
„За првпат досега, Roblox ќе може да се игра нативно и оптимизирано за преносни уреди, што ќе им овозможи на играчите да играат со милиони луѓе и да откриваат различни импресивни игри уште од првиот ден.
Тесно соработуваме со нашите партнери од гејминг индустријата на сосема нова програма, дизајнирана за да им помогне на играчите лесно да препознаат кои игри се оптимизирани за преносни уреди, вклучително и Xbox Ally и Xbox Ally X. Наскоро ќе споделиме повеќе детали.
Играчи кои ќе купат Xbox Ally или Xbox Ally X и се нови корисници на Game Pass, исто така ќе можат да започнат без дополнителни трошоци, со пристап до стотици игри како Balatro, Gears Tactics, Vampire Survivors и други – директно од нивниот уред“, вели Мајкрософт.
Двата уреди работат на AMD процесори, кои обезбедуваат врвни гејминг перформанси, импресивна графика и многу повеќе. Xbox Ally работи со AMD Ryzen Z2 A процесор, има 16 GB RAM и 512 GB SSD меморија, додека Xbox Ally Xдоаѓа со AMD Ryzen AI Z2 Extreme процесор, кој овозможува користење на најновите AI функции веднаш штом станат достапни и нуди двојно повеќе простор за складирање.

