Официјално е отворена Apple конференцијата за програмери – WWDC 2025, а како што обично и се случува, на самиот почеток беше одржана централната Keynote презентација, на која беа претставени промените во сите оперативни системи на компанијата.
Конференцијата WWDC 2025 традиционално започна со главната презентација, на која Apple го претстави најголемиот редизајн на своите оперативни системи од воведувањето на iOS 7 во далечната 2013 година. Оттогаш, како што велат од компанијата, многу нешта се променето. Сè повеќе корисници користат повеќе уреди од Apple екосистемот, па затоа беше неопходна промена што ќе ги обедини сите уреди и ќе понуди уште попрепознатливо и унифицирано искуство, но воедно и освежено.

Apple го најде решението во новиот визуелен идентитет наречен Liquid Glass, кој го обединува изгледот на сите Apple оперативни системи (вклучително и CarPlay) во елегантен и проѕирен стил што реагира на движења, светлина и содржината на екранот. Како што се шпекулираше последниве месеци, новиот дизајн е навистина инспириран од visionOS, со динамични и респонсивни елементи, благо заоблени рабови и визуелна длабочина препознатлива кај иконите.
Новитет е и промената во начинот на именување на оперативните системи. Во моментов, различните софтверски платформи имаат различни броеви поради времето на нивното лансирање – iOS е на верзија 18, macOS на 15, watchOS на 11, а visionOS на 2. Новиот пристап ќе ги изедначи имињата според календарската година, почнувајќи од 2026 година. Тоа значи дека наесен ќе пристигнат: iOS 26, watchOS 26, iPadOS 26, macOS 26 tvOS 26 и visionOS 26.
iOS 26
Apple најмногу време посвети на iOS 26, бидејќи се работи за најкористениот оперативен систем прилагоден на iPhone . Промените почнуваат од заклучениот екран, кој сега користи Liquid Glass ефекти и може да претвори класични 2D фотографии во тродимензионални. Интересни се и лебдечките позадини, кои реагираат на движењето на уредот и на нотификациите. На пример, кога ќе пристигнат повеќе нотификации, позадината автоматски се проширува со помош на AI за да обезбеди повеќе простор.

Интерфејсот е опишан како „освежен, но препознатлив“. Liquid Glass доминира со транспарентност. Класичниот дизајн е сè уште тука, но сега корисниците можат да користат и целосно транспарентни икони. Safari има нов дизајн со прикажување на содржина од раб до раб, динамична алатна лента и минималистички контроли кои се појавуваат само кога се потребни.
Камерата доби минималистички интерфејс – се гледаат само фото и видео функции, а другите се откриваат со гестови. Апликацијата Photos ги организира сликите во „Library“ и „Collections“, со можност за 3D ефекти како на заклучениот екран.

Апликациите за телефонски повици и пораки се исто така преработени. Омилените контакти се на врвот, Call Screening одговара на повици од непознати броеви и проценува дали се релевантни. Ако не се сомнителни – дури тогаш телефонот ѕвони. Hold Assist препознава кога оператор пушта музика и ве информира кога повторно ќе биде достапен.
Во Messages сега може да се поставуваат позадини видливи за сите учесници во разговорот, се додаваат анкети во групни разговори (вклучително и автоматско предлог-анкетирање), може да се комбинираат емотикони во GenMoji, да се преведуваат пораки во реално време, и да се користат алатки од ChatGPT за генерирање слики во самата апликација.
Apple Music има прикажување преводи, фонетски текстови и користи AI за AutoMix. Maps добива опција за омилени рути и целосна енкрипција. Apple Pay ќе следи нарачки и статуси на испорака.
Претставена е и апликацијата Games – централизирано место за сите игри, со настани, препораки и следење резултати. Поддржува и контролери.
Apple Intelligence сега е дел од сите уреди. Главна новина е што развивачите може да вградат Apple AI локално во своите апликации. Visual Intelligence ќе чита екран, ќе разбира контекст и ќе дава одговори според содржината на екранот.
watchOS 26

Apple Watch добива Liquid Glass и нова функција Workout Buddy со AI што мотивира за време на вежбање (преку AirPods). Smart Stack предлага корисни информации во вистински момент – на пример, кога ќе одите во теретана, автоматски предлага кратенка за следење тренинг.
Додава и автоматско прилагодување на звукот според амбиенталниот шум, апликација Notes, превод на пораки, прилагодување на позадини и нов гест wrist-flick за тивко одбивање повици и отстранување нотификации.
tvOS 26

Мали дизајнерски промени со Liquid Glass. Интересна новина е караоке функцијата преку Apple Music – iPhone се користи како микрофон, а звукот оди преку ТВ звучниците. Може да пее повеќе луѓе ако имаат iPhone.
macOS 26 (Tahoe)

macOS добива ист Liquid Glass третман. Менито е транспарентно, елементите „лебдат“, и може да се персонализираат фолдери со бои, симболи и теми.
Spotlight е подобрен за попаметно пребарување и креирање кратенки. Апликацијата Phone доаѓа на Mac – со повици, пораки и контакти. Continuity покажува статус на достава од iPhone. Игрите од iPhone се достапни на Mac со напредни опции и overlay.
visionOS 26

Vision Pro добива виџети што се поставуваат во физички простор, како календар или галерија на ѕид, со можност да „влезете“ во фотографиите. Видео повиците се со подобри 3D „персони“, можност за заедничко гледање филмови и поддршка за PlayStation VR2 контролери.
iPadOS 26

Голем фокус на мултитаскингот со прозорци – можат да се менуваат по големина и позиција, со нова мени лента слична на Mac. Со тастатура и тракпад, прозорците добиваат класични контроли (минимизирај, затвори, прошири).
Апликацијата Files е подобрена – слично како на Mac. Достапна е и Preview апликацијата за уредување PDF документи.
Новиот API за background tasks овозможува експорт на видеата додека се користи друга апликација. Се разбира – сè во стилот на новиот Liquid Glass редизајн.
Целата презентација можете да ја погледнете во продолжение.


