Како што беше најавено претходно, Apple AirPods добиваат нови функции. Новитет е можноста за снимање звук во студиски квалитет и управување со камерата на iPhone и iPad.
На првиот ден од конференцијата за развивачи WWDC, Apple покрај новите верзии на оперативните системи, најави и нови функции за AirPods 4, AirPods 4 ANC и AirPods Pro 2.
Имено, овие модели на AirPods добиваат нова технологија за изолација на гласот – Voice Isolation, која наводно ќе овозможи снимање на звук во студиски квалитет, дури и во движење или во бучни средини. Според Apple, ова ќе биде особено корисно за креатори на содржина, подкастери, па дури и пејачи.
Покрај тоа, Apple ветува и „поприродна текстура на гласот и поголема јасност“ при повици преку iPhone, FaceTime и апликации кои го користат Apple-овиот CallKit framework. Снимањето звук во студиски квалитет и подобрениот квалитет на повици ќе функционираат само кога AirPods се поврзани со iPhone, iPad или Mac.
Новитет е и далечинското управување со камерата преку AirPods – функција која беше најавувана веќе некое време. Корисниците додека ја користат камерата на својот iPhone или iPad, со долг притисок на „стеблото“ од AirPods ќе можат да фотографираат или да започнат снимање видео. Со повторен притисок, снимањето ќе се запре.
Овие функции ќе бидат достапни преку Apple-овиот бета програм од следниот месец, како дел од претстојните системи iOS 26, iPadOS 26 и macOS 26 Tahoe.