iOS 26 прикажува точно колку време е потребно за да се наполни iPhone, без разлика дали го полните преку кабел или безжично.
По години чекање и безброј барања од корисниците, Apple конечно додаде функција за прикажување на времето на полнење на батеријата во iOS 26. Оваа промена, претставена на годинашната WWDC конференција, предизвика бурни реакции на социјалните мрежи — од воодушевување до забелешки дека доаѓа предоцна.
Новата функција им овозможува на корисниците во делот Battery во поставките, како и на заклучениот екран, да видат проценка за времето до целосно полнење на телефонот. Иако сè уште нема посебен виџет за оваа опција, се очекува Apple во наредните надградби дополнително да го подобри нејзиниот приказ и достапност.
Оваа функција не само што го олеснува планирањето на полнењето, туку дава и увид во ефикасноста на полначот. Ако користите побавен полнач (на пример, безжичен Qi полнач со 5W), системот тоа јасно ќе го покаже, па лесно се забележува кога полнењето трае невообичаено долго.

Интересно е што слична функција некогаш постоела на Mac компјутерите, но Apple мистериозно ја отстранил. Враќањето на оваа логична и корисна функција на iPhone предизвика многу коментари:
„Сериозно!! Конечно некој го потврди ова! Чекав цел ден за ова!“, напишал еден корисник на мрежата X, додека друг само додал: „Конечно, лол. Ова требаше да го имаме пред 10 години.“
Сепак, не се сите воодушевени. Некои корисници истакнуваат дека Android ја има оваа функција со години наназад, а други бараат да се прикажува и како Live Activity на заклучениот екран, наместо да остане „закопана“ во поставките.
Засега функцијата е достапна само за развивачи кои го тестираат iOS 26. Пошироката јавност ќе може да ја користи на есен, кога iOS 26 официјално ќе биде објавен.


