Се шпекулира дека новиот тројно преклопен модел на Huawei ќе донесе подобрена издржливост, Kirin 9020 5G чип и напредна мултиспектрална камера.
Huawei во септември 2025 година би можел да го претстави својот втор телефон со тројно-преклоплив екран, со што повторно би направил чекор пред Samsung, кој сè уште го бара вистинскиот момент за претставување на својот прв тројно-преклоплив уред. Според информации од кинеската мрежа Weibo, новиот модел Mate XT треба да донесе значителни подобрувања, особено во однос на камерата, издржливоста и перформансите.
Најголемо возбудување предизвикува потенцијалната употреба на чипсетот Kirin 9020 5G, можеби и во специјално оптимизирана верзија. Иако сè уште не се познати сите технички карактеристики, се очекува новиот процесор да донесе подобри перформанси и енергетска ефикасност во споредба со претходниот модел.

Уште поголемо изненадување се очекува на полето на камерата. Huawei наводно планира во новиот уред да вгради мултиспектрална камера, слична на онаа што првпат се појави во серијата Mate 70. Оваа камера користи сензори способни да детектираат светлина надвор од видливиот спектар, што овозможува многу попрецизно и пореалистично репродуцирање на боите.
Мултиспектралната технологија користи Red Maple примарен колор сензор, кој овозможува да се фатат повеќе информации за бојата во споредба со стандардните RGGB или RYYB сензори. Резултатот се побогати, поверни тонови и поголема прецизност во обработката на фотографиите, особено во сцени со комплексно осветлување. Овој сензор веќе се користи и во моделите Huawei Nova 14 и Pura X.
Иако овие информации сè уште не се потврдени, интересно е што претходни извештаи тврдеа дека Huawei можеби го прекинал развојот на трипати-преклопливите уреди. Сепак, актуелните гласини укажуваат дека компанијата има амбициозни планови за втората половина од 2025 година.
Ако најавите се остварат, Huawei повторно би можел да ги помести границите во сегментот на свитливи телефони и сериозно да ги наруши плановите на конкуренцијата.


