Експериментот ANITA детектираше сигнали од правец под хоризонтот, што не може да се објасни со постојните закони на физиката – можно е да откриваме сосема нови честички.
Научниците открија необични радио сигнали кои, наместо да доаѓаат од вселената или да се одбиваат од мразот – како што било очекувано – изгледа како да доаѓаат од длабочините на Земјата, поточно од правец под хоризонтот. Овие откритија доаѓаат од експериментот ANITA (Антарктичка Импулсивна Преодна Антена), кој се состои од радио детектори монтирани на балони над Антарктикот, и веќе со години ги набљудува сигналите кои ги создаваат космичките честички.
Сигналите не доаѓаат од неутрини – барем не од познатите
Како што објаснува професорката Стефани Висел од Универзитетот во Пенсилванија, импулсите доаѓаат под агол од дури 30 степени под површината на мразот. Според постојното знаење, ниту еден сигнал не би можел да помине илјадници километри низ Земјата, а притоа да не биде апсорбиран. „Тоа едноставно не би требало да биде можно“, вели таа.

Она што е уште понеобично е дека овие сигнали не се вклопуваат во обрасците на познатите честички, дури ни на најнефатливите како неутрините. Неутрините речиси никогаш не реагираат со ништо, а секој момент милијарди од нив поминуваат низ нашето тело. Сепак, дури и тие, ако поминат низ толкава количина материја, не би оставиле таков конкретен траг каков што е забележан.
ANITA детектира „тау лептон“ честички, но ова не е тоа
Инаку, ANITA е проектирана да бара специфични сигнали кои настануваат кога т.н. тау неутрини ќе удрат во мразот, ќе создадат „тау лептон“ честичка, која потоа излегува од мразот и се распаѓа, создавајќи радио бранови што се нарекуваат „воздушни тушеви“. Овие сигнали може да се реконструираат наназад за да се одреди правецот од кој дошла честичката. Но, најновите податоци не ја следат очекуваната патека и не можат да се реконструираат на класичен начин – токму тоа ги прави „аномалија“.
Научниците ги проверија и податоците од други експерименти, како што се IceCube на Антарктикот и опсерваторијата Пјер Оже во Аргентина, за да утврдат дали и тие забележале нешто слично. Не забележале. Тоа дополнително потврдува дека детектираните сигнали не одговараат на познатите космички честички ниту на стандардните физички модели.

Иако се појавија теории дека овие импулси можеби се поврзани со темната материја или со сосема нови видови честички, недостатокот на дополнителни потврди ги ограничува можните толкувања. „Мојот впечаток е дека постои некаква чудна радио-пропагација што се случува близу мразот или хоризонтот, но не успеавме да ја идентификуваме“, вели Висел.
Новиот експеримент PUEO може да донесе одговори
Висел и нејзиниот тим сега работат на следната генерација детектори наречена PUEO, која ќе има поголема чувствителност и ќе може да регистрира повеќе вакви необични сигнали. Целта е да се утврди дали станува збор за навистина нови феномени во физиката или за нешто што едноставно сè уште не го разбираме, пишува Phys.
„Ако PUEO открие уште повеќе аномалии, можеби конечно ќе дознаеме за што станува збор. А можеби, уште повозбудливо, конечно ќе фатиме неутрини од далечни делови на вселената“, заклучува Висел.

