Vivo потврди дека на 25 јуни ќе го претстави својот нов преклопен телефон X Fold5 во Кина, додека глобалното лансирање се очекува на 10 јули.
Во пресрет на официјалната премиера, компанијата започна промотивна кампања на кинеската мрежа Weibo, објавувајќи официјални фотографии од уредот и прв hands-on видео, кој веќе кружи по интернетот.
Според најавите, X Fold5 ќе го собори рекордот на својот претходник, моделот X Fold3, и ќе стане најлесниот преклопен телефон со тежина под 219 грама, што го става во рангот на класичните паметни телефони.
Освен што ќе биде полесен, новиот модел ќе биде и потенок, а ќе донесе и досега најголема батерија во категоријата на преклопни телефони – дури 6.000 mAh. Батеријата содржи 12 проценти силициум и може да функционира на екстремни температури, дури и до -30 степени Целзиусови, додека шарката е тестирана на -20 степени Целзиусови.
Искуството со мултитаскинг дополнително ќе биде унапредено благодарение на платформата на vivo – Atomic Workbench, која овозможува работа слична на десктоп компјутер.
Една од најголемите новини е тоа што X Fold5 ќе биде првиот Android уред кој може беспрекорно да се интегрира во Apple екосистемот.
Според претставници на vivo, корисниците на iPhone сега можат да го користат X Fold5 паралелно со нивниот Apple уред – или дури целосно да го заменат – без да жртвуваат функционалност и поврзаност во рамките на Apple системот.