Бидејќи веќе не е толку необично да се види дека Android мобилните телефони добиваат долгорочна софтверска поддршка, на истата насока сега се одлучи и Nothing со нивниот претстојен модел Phone (3).
Nothing официјално потврди дека нивниот нов мобилен телефон, Phone (3), ќе добива пет години големи надградби на оперативниот систем и седум години безбедносни закрпи. Станува збор за значаен напредок во однос на претходниот Phone (2), кој нудеше три години Android надградби и четири години безбедносни ажурирања.
Соосновачот на Nothing, Акис Евангелидис, откри дека одлуката за продолжување на софтверската поддршка е донесена благодарение на чипсетот Snapdragon 8s Gen 4 од Qualcomm, кој ќе се најде во Phone (3). Бидејќи станува збор за чипсет што нуди речиси 90% подобри графички перформанси и 33% побрз процесор во споредба со оној во Phone (2), за Nothing било логично да ги награди корисниците со подолга софтверска поддршка.

Од другите спецификации, уште на почетокот на месецот беше потврдено дека Nothing Phone (3) ќе остане без препознатливиот Glyph LED интерфејс на задната страна, а наместо тоа ќе добие dot-matrix екран. Иако ова ги разочара некои од фановите на светлосниот потпис на Nothing телефоните, од компанијата велат дека новиот тип на екран ќе понуди уште поголеми можности за прилагодување.

Nothing ќе го претстави Phone (3) на почетокот на јули.

