Кинеската компанија на 2 јули во Шенжен ќе го претстави Magic V5 со камера од 200 MP, батерија од 6100 mAh и ултра тенко куќиште.
Honor официјално потврди дека на 2 јули во Шенжен ќе го претстави својот нов преклопен телефон Magic V5, кој ќе доаѓа со камера од 200 MP, батерија од 6100 mAh и ултра тенко куќиште. Настанот ќе започне во 19 часот по локално време (13 часот по средноевропско време), а се очекува на него да бидат претставени и уште неколку уреди од брендот Honor.
Magic V5 носи бројни подобрувања во однос на претходниот модел Magic V3, меѓу кои се издвојуваат големата батерија од 6100 mAh со поддршка за брзо полнење од 66 W, перископска телефото камера од дури 200 MP и најновиот процесор Snapdragon 8 Elite Leading Version.

Освен хардверските надградби, најголемо внимание привлекува рекордно тенкиот дизајн – помалку од 9 мм кога е екранот склопен, со што Magic V5 би можел да стане најтенкиот преклопен телефон на пазарот, надминувајќи го досегашниот рекордер Oppo Find N5 (8,9 мм).
Уредот ќе има главен преклопен екран од 8 инчи и надворешен екран со дијагонала од 6,45 инчи, што го позиционира како сериозен конкурент во премиум сегментот на преклопни паметни телефони, пренесува GSM Arena.



