Според сè поголем број гласини, Apple нема да ја промени големината на дисплеите кај iPhone 18 Pro моделите следната година, но сепак тие ќе изгледаат значително поразлично од она на што сме навикнати.
Кинескиот дојавувач Digital Chat Station, базиран на Weibo изјави дека Apple ќе остане со дисплеи од 6.3 инчи и 6.9 инчи за iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max, соодветно. Како потсетување, тоа се истите големини како кај тековните iPhone 16 Pro и iPhone 16 Pro Max, а се очекува дека Apple нема да направи промени ниту кај претстојните iPhone 17 Pro модели годинава.
И покрај тоа што големините остануваат исти, дојавувачот најави две големи новини кај екраните: Apple ќе ја смести Face ID технологијата за скенирање под самиот екран, оставајќи само мала дупка за предната камера како единствена пречка на содржината на екранот.
Овие информации ги потврдуваат и претходните извештаи од аналитичарот за дисплеи Рос Јанг и медиумот The Information. Последниот извор додава уште една интересна информација: дупката за предната камера кај iPhone 18 Pro и iPhone 18 Pro Max ќе биде сместена во горниот лев агол на екранот.
Во истиот извештај се наведува дека уредите повеќе нема да имаат “пилула”-отсечок на горниот дел од екранот, но сè уште не е јасно дали Dynamic Island ќе биде укинат.
Што се однесува до другите шпекулирани карактеристики, 48 MP главната задна камера можеби ќе добие променлив отвор на бленда, што ќе им овозможи на корисниците рачно да ја контролираат блендата – овозможувајќи поголема флексибилност за длабочина на поле, за разлика од фиксниот ƒ/1.78 отвор што се користи денес. Оваа гласина доаѓа од аналитичарот Минг-Чи Куо.

Исто така, Apple би можел да воведе напреден трослоен сензор од Samsung за подобрена брзина, помал шум и подобар динамички опсег – што би значело отстапување од досегашната ексклузивна употреба на Sony сензори. Според ликерот познат како „Jukanlosreve“, технологијата се нарекува „PD-TR-Logic“ и се однесува на камера сензор со три слоја кола.
Според Куо, се очекува и надградба од 8 GB на 12 GB RAM, што е во согласност со гласините дека и iPhone 17 Pro и iPhone 17 Air ќе имаат 12 GB. Оваа надградба треба да ја подобри работата на Apple Intelligence и мултитаскингот. Сите четири тековни модели на iPhone 16 имаат 8 GB RAM.
Исто така се вели дека новата генерација на C2 модем – наследникот на C1 – ќе дебитира во iPhone 18 Pro, според аналитичарот Џеф Пу. Се очекува поддршка за mmWave во САД и подобрување на брзината и ефикасноста.
Конечно, според Куо, чипот A20 Pro на Apple ќе биде изработен со најсовремениот 2nm процес на TSMC (N2), нудејќи околу 15% подобрување на перформансите и 30% подобра енергетска ефикасност во споредба со 3nm серијата A19, која се очекува да се користи кај iPhone 17.
Сумирано, надградбите најавуваат значителни подобрувања во камерата, дисплејот, перформансите и конективноста што доаѓаат во 2026 година. Но, ако сте љубител на тековните димензии на екранот кај iPhone 16 Pro, тогаш денешните гласини веројатно ќе ве смират барем малку.

