Најпопуларната платформа за мапи и навигација воведува вештачка интелигенција, велосипедски рути и зони со ниско загадување
Google најави голем пакет нови и подобрени функционалности за Google Maps наменети за корисниците во Европа. Подобрувањата вклучуваат унапредувања за возачите, велосипедистите, корисниците на јавен превоз, како и поддршка за зони со ниско ниво на загадување.
Најважната новина е воведувањето на вештачка интелигенција при изборот на рути. Додека стандардниот Google Maps прикажува алтернативи само за избраниот начин на патување (на пример, возење), новата верзија со вештачка интелигенција ги анализира сите достапни опции, вклучително и јавен превоз и пешачење. Врз основа на тоа, предлага рута која е најбрза, без оглед на начинот на транспорт. Оваа функција, која веќе е достапна во 60 градови, наскоро пристигнува и во Копенхаген, Стокхолм и Варшава.
Google ја прошири и покриеноста со велосипедски рути. Новите партнерства со локалните власти овозможија прикажување на велосипедски патеки во градови како Мадрид, Барселона, Цирих, Будимпешта и Виена. Велосипедската навигација сега е активна во 17 нови градови и опфаќа 125.000 километри патеки ширум светот.

Во рамките на најновото ажурирање, функцијата за економични рути (fuel-efficient routing), претставена во 2021 година, сега е достапна на глобално ниво. Корисниците ќе можат да избираат помеѓу рути кои штедат гориво и оние кои се побрзи, со јасно прикажано време на патување и проценета потрошувачка.
Исто така, апликацијата сега прикажува предупредувања за зони со ниски емисии на загадување во Италија, Шведска, Австрија и други земји, и автоматски нуди рути кои ги избегнуваат тие зони доколку возилото не ги исполнува пропишаните стандарди. Google вели дека оваа опција ги покрива повеќе од 1.000 зони со ниско загадување во Европа.
Покрај тоа, Google Maps сега овозможува пријавување на инциденти на патот и на Android Auto и Apple CarPlay платформите, вклучително и сообраќајни несреќи и полициски патроли, користејќи и податоци од апликацијата Waze.

Сепак, најновото ажурирање донесе и проблем: корисници ширум светот пријавуваат дека апликацијата престанува да нуди навигација откако ќе се премине од примарна на алтернативна рута. Единствениот начин повторно да се активира навигацијата е повторно да се внесе дестинацијата, што претставува сериозен проблем за корисниците во движење. Google засега нема дадено коментар, ниту најавило решение за овој баг.
Ако сè уште не сте го ажурирале Google Maps, се препорачува да почекате додека проблемот не се реши, пишува Autoevolution.

