Спарувањето на фотоволтаичните електрани со сѐ поевтините батериски системи за складирање би можело да значи дека електричната енергија од тие постројки ќе може да се користи 24/7/365 во многу региони и држави, покажуваат нови податоци.
Енергетскиот и климатски „think tank“ Ember ја објави својата нова анализа со наслов „Сончевата електрична енергија секој час, секој ден пристигна и ќе го промени сѐ“. Насловот произлегува од заклучоците на студијата, која наведува дека батериските системи за складирање енергија од сонцето веќе се доволно ефтини за да се имплементираат во сѐ повеќе проекти и да овозможат 24-часовно користење на електрична енергија добиена исклучиво од сончева енергија во многу (посончеви) делови од светот.

24-часовната соларна енергија е следниот чекор
Студијата анализирала податоци од 12 градови – од Лас Вегас, Мадрид, Маскат до Буенос Аирес – од кои некои веќе можат да задоволат 99% од своите дневни потреби, во текот на сите 24 часа, користејќи соларна енергија во комбинација со батериски системи за напојување преку ноќ. Дури и не толку сончевиот Бирмингем во Обединетото Кралство веќе може околу 62% од годината да користи исклучиво сончева енергија.
Сето ова е овозможено благодарение на значителното намалување на просечната цена на батериските системи. Тоа ја спушта вкупната просечна цена на електричната енергија добиена од сонце на околу 104 долари за мегават-час (MWh), што е поевтино од јагленот (118 USD/MWh) и нуклеарната енергија (182 USD/MWh), и околу 22% пониско од лани. Брзиот технолошки напредок во батериите, особено во поглед на намалување на трошоците, ја направи речиси континуираната соларна енергија – достапна секој час, секој ден од годината – економска и технолошка реалност во сончевите региони, велат од Ember.

Батериите стануваат сѐ поважни
Производството на електрична енергија од сонце во текот на целиот ден се постигнува со комбинирање на фотоволтаични панели со доволен капацитет за складирање, за да се обезбеди стабилно и чисто снабдување со енергија, дури и во подрачја без пристап до мрежа или каде мрежата е преоптоварена или ненадежна. Иако ова можеби нема да ги реши сите предизвици на ниво на електроенергетски систем, бидејќи не сите локации се толку сончеви, а побарувачката за струја варира од час во час и сезонски, сепак, тоа ѝ отвора пат на соларната енергија да стане основа на чист енергетски систем во сончевите региони и да има многу поголема улога и во другите, помалку сончеви области.
Конкретно, 17 kWh батериски капацитет е доволен за 5 kW соларни панели да обезбедат континуирани 1 kW чиста енергија во текот на 24 часа. Таквиот однос помеѓу капацитетот на производство и складирање е доволен за поголемиот дел од регионите во светот. „Сончевата енергија достапна 24 часа дневно веќе не е само техничка можност или далечен сон, туку економска реалност. Таа отвора револуционерни можности за индустрии со голема потрошувачка на енергија, како дата-центрите и производството“, заклучуваат аналитичарите од Ember, со порака дека сега е редот на инвестициите и регулативата да фатат приклучок со развојот на технологијата.

