Корисниците на iPhone наскоро ќе можат да гледаат видеа директно на екранот на мултимедијалниот систем во својот автомобил, благодарение на претстојната надградба iOS 26, но со одредени ограничувања.
Apple во најновата iOS 26 надградба за програмери најави поддршка за AirPlay видео во рамки на CarPlay системот. Новата функција ќе овозможи апликациите да интегрираат можност за репродукција на видео содржини од iPhone директно на екранот во возилото.
Сепак, од безбедносни причини, репродукцијата ќе биде дозволена само додека автомобилот е паркиран. Доколку iPhone детектира движење, видеото автоматски ќе се паузира, наведува MacRumors.
Програмерите што сакаат да ја користат оваа функционалност во своите апликации, ќе мора претходно да пристапат на Apple MFi (Made for iPhone) програмата, што значи дека интеграцијата нема веднаш да биде достапна за сите.
Оваа новина особено би можела да ги израдува љубителите на спортот, кои сега ќе можат да го запрат возилото и да ги следат клучните моменти од натпреварите.

Значајна предност на новата функција е и тоа што може да послужи како облик на забава за сопствениците на електрични возила додека чекаат да се наполни батеријата. Tesla, на пример, веќе нуди слична опција преку својата апликација Theater, која овозможува гледање содржини од Netflix, Hulu, YouTube и Twitch додека возилото е во мирување.
Покрај AirPlay видеото, iOS 26 носи и неколку други новитети за CarPlay, вклучувајќи „tapback“ одговори и прикачување пораки во апликацијата Messages, поддршка за виџети на почетниот екран, како и приказ во живо на статуси на одредени активности, како што се летови.


