Иако Project Indigo може бесплатно да се преземе на iPhone 12 Pro, од Adobe препорачуваат користење на понови модели
Adobe претстави нова мобилна апликација за фотографирање наречена Project Indigo. Станува збор за апликација развиена од тим на експерти од Adobe, меѓу кои е и Marc Levoy – пионер во компјутерската фотографија и еден од луѓето заслужни за напредните фотографски можности на претходните Google Pixel телефони.
„Наместо да се сними една фотографија, Indigo снима серија од повеќе фотографии и ги спојува за да создаде фотографија со висок квалитет, со помалку шум и подобар динамички опсег,“ стои во описот на апликацијата.

Од Adobe велат дека Indigo се стреми да постигне природен изглед сличен на оној што го добиваме со DSLR фотоапарати, а на корисниците им нуди и низа рачни контроли – како фокус, брзина на затворач, ISO вредности и баланс на бела. Практично, сè што им е потребно за да ја создадат фотографијата што ја имаат во глава.
Добрата вест е дека за користење на Project Indigo не е потребно да се најавите на Adobe сметка и апликацијата е целосно бесплатна за преземање. Иако официјално можат да ја преземат сите корисници на iPhone 12 Pro или понов модел, Adobe за најдобри резултати препорачува употреба на понови модели како iPhone 15 и 16 Pro.

Целата приказна зад Project Indigo можете да ја прочитате на блогот на Adobe.

