Веќе извесно време се зборува дека Apple и Samsung „се борат“ за Perplexity, а сега пристигнаа и поконкретни информации кои го потврдуваат интересот за купување од страна на компанијата од Купертино.
Според информациите што ги објави Марк Гурман од Bloomberg, раководителите на Apple сериозно дискутираат за можноста да го купат Perplexity AI – пребарувач базиран на вештачка интелигенција кој стекна значителна популарност во изминатата година.
Наводно, преговорите сè уште се во рана фаза, а со нив раководи директорот на Apple за спојувања и аквизиции, заедно со клучни луѓе од одделот за вештачка интелигенција. Од Perplexity сè уште не откриваат ништо, па е рано да се каже дали воопшто ќе дојде до некаков договор.
Сепак, ако Apple навистина го купи Perplexity, чија вредност моментално се проценува на 14 милијарди долари, тоа би било најголемото вложување на компанијата од Купертино досега. Но, треба да се има предвид дека Perplexity веќе е во поодминати разговори со Samsung за интеграција на некои од своите функционалности во екосистемот на јужнокорејската компанија, па можеби ќе се одлучат за поконкретни преговори со нив.
Во секој случај, ситуацијата најверојатно ќе биде појасна до крајот на годината.