Hisense и TCL бележат троцифрен раст благодарение на подостапните Mini LED модели, потиснувајќи ги Samsung и LG од врвот.
Пазарот на премиум телевизори доживува значајни промени: иако Samsung со години беше неприкосновен лидер, најновиот извештај на компанијата Counterpoint Research покажува дека Hisense и TCL стануваат најбрзорастечки брендови во оваа категорија. Нивниот подем пред сè се должи на агресивната понуда на Mini LED телевизори кои по пониска цена нудат одличен квалитет на слика, успешно привлекувајќи купувачи кои претходно би избрале OLED телевизори.
Иако Samsung сè уште го задржува првото место по пазарен удел на глобално ниво, во првиот квартал од годинава падна на четвртото место според бројот на испораки, а по приход се најде на третата позиција. Во исто време, Hisense го зголеми својот пазарен удел од 14% на 20%, додека TCL скокна од 13% на 19%. Двата бренда остварија троцифрен годишен раст на испораките.
Експертите објаснуваат дека Mini LED и OLED моделите често се наоѓаат во сличен ценовен ранг, но поради разликите во трошоците за производство, купувачите сè почесто се одлучуваат за поголеми Mini LED телевизори наместо помали OLED модели. Очигледно дека оваа стратегија функционира, бидејќи Mini LED технологијата во вториот квартал од 2024 година првпат ги надмина OLED моделите и по број на испораки и по остварен приход.
Дополнително, податоците покажуваат и сè поголем интерес кај потрошувачите за телевизори со големи димензии. Во првите три месеци од годинава, бројот на испораки на телевизори со дијагонала поголема од 75 инчи пораснал за 79% во споредба со истиот период минатата година. Овој тренд дополнително им оди во прилог на производителите кои нудат пристапни, но големи Mini LED модели, оставајќи ги Samsung и LG пред сериозен предизвик во борбата за пазарот.