Покрај платената опција од 30 долари, Microsoft им овозможува на корисниците на Windows 10 уште две бесплатни методи за добивање безбедносни ажурирања до 2026 година.
Иако Microsoft планираше официјално да ја заврши поддршката за Windows 10 на 14 октомври 2025 година, сега попушти и најави две бесплатни алтернативи кои ќе им овозможат на корисниците да продолжат да го користат системот и да добиваат безбедносни ажурирања без дополнителни трошоци.
Покрај веќе познатата опција за плаќање 30 долари за „Проширување на безбедносни ажурирања“ (ESU), корисниците сега ги имаат следниве бесплатни можности:
- Првата е користење на 1.000 Microsoft Rewards поени за размена,
- Втората е користење на функцијата Windows Backup за синхронизација на личните поставки со cloud-от.

Microsoft најавува дека од јули постепено ќе вметнува водич за регистрација во Windows 10, а од август ќе биде достапен за сите. Кога ќе се појави, корисникот само ќе ги следи упатствата на екранот и ќе го избере начинот на пријавување.
Ова проширување на безбедносната поддршка важи само една година — од 15 октомври 2025 до 13 октомври 2026. За деловни корисници достапна е исклучиво платената верзија, која може да се продолжи до три години.
Важно е да се напомене дека Microsoft веќе најави дека Microsoft 365 апликациите за Windows 10 ќе добиваат безбедносни ажурирања сè до 10 октомври 2028 година. Експертите сметаат дека Microsoft одлучил да попушти бидејќи Windows 10 сè уште го користи повеќе од половина од корисниците ширум светот, што значи дека преминот на новиот систем сè уште не е широко прифатен.


