Во новиот интерфејс на апликацијата за телефонирање на Google повеќе нема да има посебни картички за контакти, туку сè ќе биде вклучено во Home табот.
Google подготвува голем редизајн на својата стандардна апликација за повикување, само неколку недели по објавувањето на Android 16. Според нивната објава, станува збор за измени направени во согласност со новиот Material 3 Express дизајн, а целта е да се поедностави интерфејсот и да се подобри корисничкото искуство.
Имено, апликацијата ќе има значително почист и појасен изглед. Долното мени ќе биде сведено на три основни картички: Home, Keypad и Voicemail. Филтрите како што се пропуштени повици, контакти и несакани повици ќе бидат преместени во картичката Home, која сега ќе го содржи и списокот на омилени контакти, како и последните повици. Интересно е што повиците со ист контакт повеќе нема да бидат групирани, туку ќе се прикажуваат поединечно.

Значи, во новиот изглед повеќе нема да постои посебна картичка за контакти, а тастатурата за бирање број ќе се наоѓа во средината на долното мени, заменувајќи го старото „лебдечко“ копче.
Гугл тестира и нова гестикулација за прифаќање и одбивање повици. Наместо класични копчиња, корисниците ќе можат да повлечат со прст за да одговорат, што треба да го намали бројот на случајни прифаќања или одбивања на повици при вадење на телефонот од џеб. Слично решение веќе долго време користи и Епл во својата апликација за повикување.

Новата верзија на апликацијата од Гугл моментално е достапна само за beta тестери, но постои можност да биде достапна за пошироката јавност и пред официјалното објавување на Android 16.


