Во рамките на големата премиера во Кина, Xiaomi ја претстави и новата генерација на својата фитнес нараквица – Smart Band 10.
Уредот доаѓа со AMOLED екран со дијагонала од 1.72 инчи, светлина од 1500 нити и симетрични странични рамки со дебелина од 2 мм. Како што се очекуваше, достапни се голем број различни дизајни на часовници (watch faces) и опција за Always on display.
Моделот може да следи над 150 типови тренинзи, а е и водоотпорен со рејтинг 5ATM. Кога станува збор за мерење на здравствени параметри, ги мери пулсот, нивото на кислород во крвта, нивото на стрес, квалитетот на сонот и го следи женското здравје.
Компанијата додала и функционалност за управување со известувања при фокусирање. Исто така, достапна е и опција со NFC.
Со едно полнење на батеријата се постигнува издржливост до 21 ден или до 9 дена во AoD режим. Достапни се неколку бои, вклучително и црна, сребрена и розова, како и опција со бела керамика. Xiaomi нуди и различни опционални каиши. Цената на моделот започнува од 269 јуани (околу 32 евра).