Вселенскиот телескоп на NASA, James Webb направи досега невидени директни слики од планета надвор од нашиот Сончев Систем, што е негово прво откритие на егзопланета.
Станува збор за планета наречена TWA 7b, која се пробива низ диск од блескава прашина и карпести остатоци во орбита околу ѕвезда оддалечена 110 светлосни години од Земјата.
Планетата е со приближно иста маса како Сатурн и десет пати полесна од која било егзопланета некогаш директно фотографирана од телескоп, што дава редок увид во раниот развој на планетарен систем.
„Гледаме систем стар околу шест милиони години, па затоа сме сведоци на неговиот период на формирање“, рече д-р Ан-Мари Лагранж, астрофизичар во Париската опсерваторија која ја водеше студијата.
Откако беше откриена првата егзопланета во 1992 година, идентификувани се речиси 6.000, но повеќето се откриени со користење на индиректни методи – како што е следење на сенката што ја фрла планетата додека поминува пред својата ѕвезда.
Директното снимање на планети надвор од Сончевиот Систем е исклучителен предизвик бидејќи тие се многу потемни од ѕвездата околу која орбитираат и, од перспектива на Земјата, се многу блиску до таа ѕвезда. За да се справат со овој предизвик, Лагранж и нејзиниот тим развија специјален телескопски додаток кој имитира затемнување, блокирајќи ја светлината на ѕвездата и со тоа овозможувајќи набљудување на инаку невидливи објекти во нејзина близина.
На овој начин, тие беа во можност да ја набљудуваат ѕвездата TWA 7 и нејзиниот планетарен диск „одозгора“.
Сликите откриваат три концентрични прстени од прашина и остатоци околу ѕвездата – структури кои претходно беа толкувани како резултат на дејството на невидливите „пастирски“ планети кои го чистат просторот додека се движат низ дискот. Во овој случај, научниците успеаја директно да фотографираат една таква планета за прв пат, јасно видлива како посветла точка во тесен прстен.
Се претпоставува дека станува збор за гасен џин со маса слична на онаа на Сатурн, што ја прави најмалата планета што некогаш била директно фотографирана. Таа е околу 50 пати подалеку од својата ѕвезда отколку што Земјата е од Сонцето, и потребни се неколку стотици години за да ја орбитира.
Откритието е објавено во научниот журнал Nature.