Во последните години, Земјата бележи необично кратки денови во средината на годината. Истото ќе се повтори и оваа година, во деновите околу 9 и 22 јули, како и на 5 август.
Иако Земјата во просек ја завршува една целосна ротација околу својата оска за 86.400 секунди, таа бројка се менува секојдневно за неколку милисекунди. Овие мали варијации во должината на денот можат прецизно да се измеруваат дури од 1950-тите, кога научниците почнаа да користат атомски часовници. Тоа доведе до многу прецизно следење на трендовите во вистинската должина на денот, но и до интересни заклучоци и откритија, особено во последните пет години.
До 2020 година, најкраткиот ден измерен со атомски часовници бил пократок за 1,05 милисекунди од стандардните 86.400 секунди. Но, во последните неколку години, Земјата сè почесто ги урива сопствените рекорди. Најкраткиот ден во историјата е забележан на 5 јули 2024 година, кога нашата планета ја завршила ротацијата за 1,66 милисекунди пократко од вообичаеното, пишува порталот timeanddate.com.
Три можни датуми
Според предвидувањата на научниците, слични рекорди би можеле да се случат и оваа година. Пресметките покажуваат дека Земјата би можела најбрзо да ја заврши ротацијата во деновите околу 9 и 22 јули, како и на 5 август. Причината зошто има три можни датуми е положбата на Месечината, којашто влијае врз брзината на ротацијата на Земјата. Имено, кога Месечината е најоддалечена од екваторот, Земјата ротира нешто побрзо.
Сепак, за овие привремени забрзувања сè уште нема прецизно објаснување. Долгорочните промени во брзината на ротацијата зависат од сложени фактори како што се движењата на јадрото на Земјата, динамиката на океаните и атмосферата, како и споменатото влијание на Месечината. Но, точната причина за ова изразено забрзување сè уште не е пронајдена. Моделите на движења на океаните и атмосферата не можат да го објаснат, па најголем дел од научниците се согласуваат дека главната причина веројатно лежи во процеси внатре во самата Земја.
Минатата година се појавија први знаци дека Земјата би можела да почне да забавува, но таа прогноза била прерана, бидејќи забрзувањето, како што гледаме, сè уште се случува – особено во летниот период. „Порано или подоцна, Земјата повторно ќе почне да забавува“, смета Леонид Зотов, експерт за ротацијата на Земјата од Московскиот државен универзитет, чие мислење го пренесува timeanddate.com. Доколку, пак, трендот на забрзување продолжи, можно е во иднина да биде потребно да се прилагодат светските стандарди за мерење на времето, како на пример со додавање или прескокнување на престапни секунди.